СДСМ веќе не чека поддршка од ВМРО-ДПМНЕ за референдумското прашање

СДСМ веќе не очекува поддршка од ВМРО-ДПМНЕ за референдумското прашање, во кое во секој случај ќе биде посочено дека договорот со Грција е постигнат со цел деблокада на интеграцијата на Македонија во НАТО и во ЕУ, вели за Независен весник висок функционер на владејачката партија.
Сепак, од опозицијата се очекува да донесе одлука дали ќе ги повика своите гласачи да излезат на референдумот или, пак, нема да упати таков повик, што би било сигнал за бојкот.
Според наши соговорници, утре во парламентот ќе почне постапката за распишување на рефередндумот за името, независно од тоа што до овој момент не е постигната никаква согласност со ВМРО-ДПМНЕ околу референдумските детали. Од владејачкиот табор велат дека утре ќе се знае конечно како ВМРО-ДПМНЕ ќе се постави во однос на распишувањето на референдумот, односно дали нејзините пратеници ќе учествуваат во донесувањето на одлуката за тоа.
„Речиси извесно е дека ВМРО-ДПМНЕ нема да биде за поддршка на референдумското прашање, ама ќе си одлучат дали ќе повикаат на излезност или не. Сите имаме своја одговорност со кој треба да продолжиме да живееме. За жал, може да ѝ нанесат штета на европската и евроатлантската иднина на државата. Тоа, очигледно, има шанси да се случи“, вели за „Независен весник“ висок функционер на СДСМ. (А.М.М.)