Самсоненко: Останувам во Вардар и во Македонија

Рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко ги „закопа секирите“ со новата власт и дефинитивно останува во Македонија. Газдата на европскиот машки ракометен шампион, женскиот ракометен вицешампион и македонскиот фудбалски шампион, и наредната година ќе ги финансира трите секции на Вардар, потврдуваат неговите најблиски соработници за „Независен весник“. Тој не планира да се вмешува во политика. Бизнисот и спортот остануваат негова сфера на интерес. Блиските релации со поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, и шпекулациите за поврзаност со владата на Никола Груевски се ставени настрана, а поправени се односите со сегашниот врв на „Илинденска“, иако официјално и двете засегнати страни се трудат да ги одвојат спортот и политиката.

Во понеделникот Самсоненко уште еднаш стана вест во медиумите откако се дозна дека купил околу седум проценти во тетовскиот комбинат за прехранбени производи „Жито Полог“. Речиси истовремено, министерот за надворешни работи Никола Димитров му подари дрес од Вардар на унгарскиот колега Петер Сијарто, кој пристигна во официјална посета на Македонија. Пред неколку недели и премиерот Зоран Заев среде Белград го даруваше српскиот претседател Александар Вучиќ со црвено-црна „деветка“.

Вучиќ е голем обожавател на Дарко Панчев, кој е сега спортски директор на Вардар и лично од него има побарано дрес, па сега го испрати преку Заев. Специјално за Вучиќ, беше испечатен бројот 9 и неговото презиме на грбот. Вардар е Вардар, институција на Скопје и на Македонија, годинава и европски шампион, гордост за сите нас и не треба да се прават драми околу тоа“, ни изјавија од Владата.

Недоразбирањата меѓу двете најголеми политички партии во земјава одамна се инфилтрирани во секоја пора на општеството, па и во спортот. Така, голем дел од симпатизерите на СДСМ не сакаа да се поистоветуваат со „овој Вардар“, па дури и не се радуваа на историскиот европски шампионски трофеј на ракометниот клуб. Од друга страна, поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ не можеа да му простат на Заев што лани се сликаше на Арената „Филип Втори“ во Скопје како навива за Шкендија, а тоа не го имаше направено за Вардар. Едни го бркаа Самсоненко од Македонија, други го бранеа…

Сергеј Самсоненко е сопственик на три македонски клуба што носат гордост во оваа држава, а Зоран Заев е претседател на Влада и секако дека премиерот се гордее со успесите на Вардар, исто како што се радуваше и поранешниот и веројатно секој нареден доколку го задржиме ова ниво на квалитет. Што се однесува до некакви заладени или затоплени односи со премиерот – нема такво нешто, ние сме приватна компанија, интернационален холдинг, кој работи согласно регулативите и законските прописи во Република Македонија. Самсоненко останува во Вардар и во Македонија, изјавите што ги даде дека си заминува беа дадени од емотивни причини и потоа повлечени“, ни рече вчера Ратко Капушевски, проект-менаџер на Сергеј Самсоненко за Македонија. Тој потенцира дека одлуките за продавање или купување деловни акции се исклучиво од бизнис-побуди и преку нив се финансираат и трите спортски клуба, кои годишно „јадат“ 12 милиони евра.

Веднаш по формирањето на новата влада, Самсоненко преку медиумите упати порака: „Политиката не е мој интерес, се реализирам преку спортот, во него инвестирам“.

Пријатели имам од сите политички партии, но никогаш нема активно да се занимавам со политика. Во Македонија сум вљубен и живеам заради луѓето и менталитетот што не сум го сретнал никаде во друга земја“, наведе Самсоненко што во јавноста се протолкува како дистанцирање од Мијалков, односно порака до Заев да не биде ставен во ист кош.

По освојувањето на европската круна, Заев ги пречека ракометарите, им додели плакета, а Самсоненко нему златен медал од церемонијата во Келн. Во август годинава јавно изјави дека ќе си замине од Вардар, револтиран од критиките поради цената на билетите на фудбалскиот натпревар против Фенербахче, како и поради одлуката легендарната јужна трибина да им се даде на располагање на турските навивачи.

Длабоко сум вознемирен од она што го прочитав во медиумите, на социјалните мрежи, на порталите… Си го поставив прашањето, со што јас и моите колеги заслуживме вакви навреди? Македонија е дом за мене и за моето семејство веќе 11 години, во овој период од срце инвестирав огромни средства во развој на спортовите во земјава. Долго време се воздржував да реагирам на навредите што ги пласираа против мене одредени медиуми и поединци… Никогаш во животот не сум доживеал ваков линч, навреди и омаловажување. Ова е последна сезона во која јас, Сергеј Самсоненко, како инвеститор вложувам во сите три спортски клуба во Македонија“, рече тој.

Горан Адамовски