САД: Македонија оди во добар правец, да ја искористи поддршката за НАТО и ЕУ

Македонија повторно се движи во вистински правец и треба да го искористи позитивниот моментум и поддршката од евро-атлантските пријатели. САД даваат принципиелна поддршка на реформските активности на македонската Влада насочени кон повторно отворање на перспективите за што побрза интеграција на земјата во НАТО и ЕУ.

Ова е истакнато на средбите на шефот на македонската дипломатија Никола Димитреов во Вашингтон со Вес Мичел, помошник државен секретар за Европа и Евроазија во Стејт департментот, Хојт Брајан Ји, заменик-помошник државен секретар за Европа и Евроазија во Стејт департментот и Моли Монтгомери, специјален советник за Европа и Русија во канцеларијата на потпретседателот на САД, Мајк Пенс.

Мичел, како што информира МНР, нагласи дека САД остануваат силно посветени да и помогнат на Македонија во таа насока. Тој ја поздрави конструктивната надворешна политика на Владата на Република Македонија и решителноста за надминување на сите отворени прашања во односите со соседите. Мичел исто така изрази благодарност за придонесот на Република Македонија во борбата против глобалниот тероризам.

Димитров го запозна Мичел со сеопфатните реформи во земјата за остварување на највисоките надворешнополитички стратешки цели – интеграцијата во НАТО и ЕУ. Ја нагласи и одлучноста на Владата на Република Македонија за унапредување на односите со соседите со цел, како што посочи, заедно да создадеме европски Балкан.

Во тој контекст беа и разговорите на средбата со заменикот-помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања, Хојт Брајан Ји. Димитров детално го информира за реформите во правосудството, администрацијата, безбедносните и разузнавачките служби и за подобрените состојби во сферата на медиумите. Ји оцени дека Република Македонија повторно се движи во вистински правец и ја охрабри Владата да остане фокусирана на реформската агенда и да го искористи позитивниот моментум и евидентната поддршка од евро-атлантските пријатели.

На средбата со специјалниот советник за Европа и Русија во канцеларијата на потпреседателот на САД, Моли Монтгомери, македонскиот министер за надворешни работи истакна дека Македонија има шанса да стане 30-та членка на НАТО и нова Влада е решителна во намерата да не ја пропушти.

Монтгомери рече дека Балканот е високо на листата на приоритети на Белата Куќа, а Република Македонија е една од клучните земји за придвижување напред на целиот регион. МНР Димитров ја оцени како исклучително важна лидерската улога и ангажманот на потпретседателот на САД, Мајк Пенс во промовирање на евро-атлантската иднина на регионот, јасно изразена на неодамнешната средба во Црна Гора со лидерите во регионот.