Саботата стана работна за Собранието: На ред дојде изборот на обвинител

Собраниската седница за избор на новиот државен јавен обвинител почнува во сабота, за кога претседателот на парламентот Талат Џафери ја закажа 22.седница.

Владата го предлага Љубомир Јовески (63), член на Советот на јавни обвинители, за нов јавен обвинител на Македонија. Тој би дошол на функцијата што претходно ја извршуваше Марко Зврлевски, кој пред неколку месеци беше разрешен од должност. До изборот на нов шеф на државното Јавно обвинителство, оваа функција ја извршува обвинителката Лилјана Спасовска.

На огласот за нов јавен обвинител се пријавија 23 кандидати, а Советот на јавни обвинители даде позитивно мислење само за двајца. За Јовески да биде избран на функцијата треба да добие апсолутна поддршка од најмалку 61 пратеник. Јавниот обвинител има мандат од шест години со право на повторно именување.

Постапката за избор на нов јавен обвинител се одолжи поради локалните избори што се одржаа минатиот месец.

Престојната сабота, законодавниот дом ќе заседава повторно, а на дневниот ред на новата седница се и законите за Судскиот совет, за заштита на сведоци, за укинување на Советот за утврдување на факти и покренување постапка за утврдување одговорност за судија. Сите овие закони се носат по скратена постапка.

Во агендата се и измените на законите за пензиското и инвалидското осигурување, за здравственото осигурување, за придонеси од задолжително социјално осигурување и за акцизите – исто така по по скратена постапка.