Рускоска: Не сум задоволна од законот што е донесен

Како обвинител кој вложил многу труд, многу работа во предмет, но и како граѓанин на оваа држава не сум задоволна од Законот за амнестија, изјави Јавната обвинителка Вилма Рускоска по завршување на денешното рочиште за случувањата од 27 април минатата година во Собранието на Република Макеоднија.

– Преквалификација нема да има за тие обвинети што не се опфатени со амнестијата, затоа што не важи амнестијата за целото кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“. А, како ќе стигнуваат барањата за амнестија, така ќе се одлучува поединечно по истите, со тоа што навистина во Законот е предвидено дека одлуката ја носи судот по претходно прибавено мислење на јавниот обвинител и тоа е добро што е така затоа што е многу подобро отколку комисија да формираа во Собранието, па амнестијата да ја одредуваат тие за кого да важи, а за кого да не важи. Сепак, обвинителот најдобро го знае предметот, а и судот кога ќе се комплетира доказната постапка, изјави Рускоска.

Посочи дека, според нејзино мислење, Законот не е сосема точно, прецизно донесен, така што најави дека ќе има консултации со јавниот обвинител на Република Македонија и со колегите од ЈОРМ.

Прашана дали ќе бидат земени во предвид доказите од обвинетите, Рускоска рече дека сите докази, било предложени од обвинителството, било предложени од одбраната, ќе се земаат предвид при одлучувањето.

Нагласи дека клучен е судот за тоа кој ќе добие, а кој нема да добие амнестија.

– Обвинителството само дава свое мислење, рече Рускоска.

Прашана што ќе се случи, доколку одлучи никого да не амнестира, Рускоска, рече дека не може никого да не амнестира.

– Не можам да речам никого да не амнестирам, значи јас како обвинител морам да го почитувам Законот. Ако не го почитувам Законот и јас правам кривично дело, рече Рускоска.

Прашана дали може дел од обвинетите да се товарат за друго дело, што не е амнестирано со Законот, обвинителкта Рускоска рече дека и за тоа исто така ќе одлучи со Јавниот обвинител на РМ.

– Тој член став 1 се однесува на организаторите. Ако некој е организатор, тој одговара и за делата кои ги сториле тие што тој ги организирал, така што може евентуално некој да биде обвинет и за „здружување за непријателска дејност“, а сепак му останува и кривичното делот „терористичко загрозување на уставен поредок и безбедноста“, појасни Рускоска.

Во однос на нарачателите, појасни дека тие се споменати во Законот за амнестија во делот кој кажува кој нема да потпадне под Законот за амнестија, а тоа се организаторите и нарачателите.

– Тие не спаѓаат во лица кои можат да бидат амнестирани. Тоа е едно исто само се употребуваат различни термини. Јас го употребувам терминот „организатори“, вие „нарачатели“, Собранието употребува друг термин итн. Тие што според Закон мора да бидат амнестирани ќе бидат амнестирани, постапките ќе си продолжат за останатите кои нема да потпаднат под овој закон, изјави Рускоска.