Рот: Историски чекор е направен кон НАТО и ЕУ, трагично е ако тој пат се попречи

Без решение за спорот за името нема конкретна перспектива за ЕУ  и за НАТО. Сега е направен исчекор на тој пат. Ова е голем успех, историски пробив и би било трагично ако кон натамошниот пат кон ЕУ биде попречен, ако не постои подготвеност во оваа земја во однос на прашањeто на ЕУ, Уставот, изборното право. Треба да постои конструктивна соработка. Владата носи посебна одговорност за сето ова, но и опозицијата носи одговорност, порача  државниот министер надлежен за Европа во Министерство за надворешни работи на Германија Михаел Рот.

На прес-конференција попладнево со својот домаќин, шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, Рот истакна дека пристапните преговори во Алијансата можат да почнат доколку продолжи реформскиот процес што го видовме со големо темпо во минатите месеци. – Исто така, и ЕК даде до знаење дека има доверба во вашата работа и дека ќе почне скрининг-процесот, додаде Рот.

Подвлече дека знае оти разговорите биле болни за многу граѓани и дека постои скепса, но подготвеноста за компомис, како што рече, ќе вреди и ќе се исплати. Упати честитки и  благодарност за личната посветеност на министерот Димитров и премиерите Заев и Ципрас, истакнувајќи дека дека таа подоготвеност  мора да продолжи. Ја повика и опозицијата и нагласи и дека сите политички актери носат одговорност.

– Вие напишавте историска европска приказна и на сите одгворни лица им честититам и им укажувам почит за овој голем чекор кој можеше да се постигне само со храброст, решителност, подготвеност за компромис и  да се ставите во состојбата на другиот партнер, рече Рот  на прес-конференцијата во МНР по средбата со Димитров. Додаде дека спорот за името се решава по 27 години, како што рече,  долги, тешки и контроверзни, спор кој фрлал голема сенка врз развојот на земјата.

Посочи и дека за краток период со потезите кон соседите земјава постигнала углед со кој, рече, нејзините граѓани можат да бидат горди. Очекува реформите да бидат спроведувани решително и во иднина, како што беше и во минатите месеци, наведувајќи ги борбата со организираниот криминал, корупцијата, реформи во правосудството и владеење на правото.

– Има уште многу работи кои треба да се направат, но никој не може да очекува пред почетокот на пристапните преговори дека се треба да биде решено. ЕУ перспективата на земјата не е нешто што е апстрактно. Членството во ЕУ ќе биде позитивно за граѓаните на вашата земја, рече Рот, додавајќи дека за разлика од пред половина година, сега може многу поконкретно и поамбициозно да се зборува за ЕУ-перспективата.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров на прес-конференција нагласи дека не се работи само за решавање на еден спор, туку, како што рече, тоа е прашање со многу поголеми геополитички импликации зашто не се однесува само на Македонија и Грција, туку и на целиот Балкан.

– Затоа ова прашање не е партиско-политичко, туку од државен интерес. Имаме историска шанса. До нас е дали ќе ја зграпчиме. Ова е еден пат, друг немаме. Мора да се надминеме самите себеси, со исправена глава, да видиме реално што добиваме, што губиме, и да си донесеме одлука. Бидејќи од секој граѓанин ќе зависи каде ќе биде Македонија особено во следните месеци, но ќе зависи и каде ќе биде Македонија за пет-десет години од сега. Ако има друг пат, добро е да го дознаеме, но друг пат – нема, истакна Димитров на заедничката прес-конференција со Рот.

Смета дека во последниов период надвладеала автоцензура во која, како што рече, на  партиско-политилките противници на историскиот успех им оставиле преголем простор.

– Премногу денови, со евтини обланди и налепници, а без суштина. Македонци сме, Македонци ќе бидеме и во Европа. Македонски јазик зборуваме, македонски јазик ќе ни остане. Отвораме врати, важно е за нашата државност, за нашата стабилност и иднина, важно е каде ќе не биде и какви ќе бидеме за десетина години. Прекрупно е ова прашање за да го врзуваме со какви било други шпекулации. Мора да сме одговорни за нашата иднина и да не заборавиме дека политичката промена во Македонија се случи, пред се, заради жедта за одговорност, рече шефот на македонската дипломатија.

На прес-конференцијата Димитров искажа задоволство што германскиот дипломат Рот вторпат годинава ја посетува Македонија и од, како што рече, силната и недвосмислена поддршка на Берлин за  членство во ЕУ и НАТО. Посочи дека Германија е голем пријател и во економска и политичка смисла и дека се споделуваат исти интереси за стабилен и европски Балкан.