Родители ги блокираат пешачките премини на булеварот „Гоце Делечев “ во Штип

Родители и деца од Средното општинско училиште „Коле Нехцемин“ во моментов ги блокираат пешачките премини на булеварот „Гоце Делчев“ во Штип каде пред три дена беше прегазен 15-годишен средношколец.

Родителите велат дека собирот е реакција на она што се случи пред три дена, но и постојаните несреќи што се случуваат на овој булевар.

Лидија Арсова, родител, вели дека во рок од 10 дена ова е втор случај на булеварот „Гоце Делчев“ да биде удрен средношколец од возило во движење на булеварот. Целта на протестот е надлежните конечно да преземат мерки за поголема безбедност на средношколците во ова училиште, но и за студентите од Природнотехничките факултети на Штипскиот универзитет.

Блокирањето на двата пешачки премини ќе трае до 16 часот, а протестот до 17 часот.

Родителите бараат изградба на пешачки мост или во најкраток можен период да се постави лежечки полицаец.

Директорот на училиштето на СОУ „Коле Нехцемин“ Дејан Павлов вели дека како училиште ги имаат преземено сите мерки, имаат доставено и барања до локалната власт за поставување на дополнителна сообраќјна сигнализација за поголема безбедност на сообраќајот. Тој вели дека деновиве Општина Штип ќе почне и со изградба на кружниот тек на крстосницата кај поранешна „Алумина“ со што, како што го информирал сообраќајниот инспектор и надлежните од Општина Штип, на овој начин ќе се забави движењето на возилата кои на булеварот возат и со над 100 километри на час, а не со 50 колку што е пропишана брзината.

Петнаесетгодишниот средношколец кој пред три дена беше прегазен на печашкиот премин кој го преминувал со група средношколци за време на училишниот одмор и понатаму е во критична состојба. Тој е на апарати и е сместен во кома-центарот.