Референдумот за името распишан со 68 гласа „за“

Собранието го распиша референдумот што ќе се одржи на 30 септември, ќе биде консултативен, а граѓаните ќе треба да одговорат со „да“ или „не“ на прашањето дали се за влез во ЕУ и во НАТО со прифаќање на договорот меѓу Македонија и Грција.

За Одлуката за распишување на референдумот гласаа сите 68 пратеници што беа присутни во салата во моментот кога заврши расправата, која почна околу 15.30 часот и траеше нешто повеќе од еден час. Првичните проценки беа дека зад одлуката за распишување на референдумот ќе застанат 72 пратеници, но четворица од нив денеска очигледно не беа во собраниската сала за време на гласањето.

Додека се гласаше, опозициската редица  во која седат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата беше сосема празна, така што немаше гласови „против“ или „воздржан“ за распишување на референдумот  Дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ сепак, беа присутни на почетокот на седницата, па дури и предложија неколку амандмани за промена на карактерот на референдумот и на референдумското прашање.  Тие амандмани, потоа, беа едногласно одбиени од парламентарното мнозинство, додека нивните предлагачи беа надвор од салата.