Рангелова останува во ВМРО-ДПМНЕ и не гласа за амандманите

Пратеничката Даниела Рангелова, која поднесе предмалку оставка од партиските функции во ВМРО-ДПМНЕ, не планира да ја напушти пратеничката група на коалицијата „За подобра Македонија“.

Рангелова ни изјави дека останува во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и дека не планира да премине во новата пратеничка група на независни пратеници, која брои моментно осум члена, кои на 19 октомври гласаше за пристапување кон уставни измени – исто како и парламентарното мнозинство.

-Не планирам да гласам ниту за уставните амандмани во понатамошната постапка од промена на Уставот. Мојот став е јасен. Реков дека ќе излезам на референдумот, ама дека нема да гласам за уставни измени ако не биде постигнат цензусот. Мојата оставка од партиските функции е единствено поради несогласувања со политиките на актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, вели Рангеловска.

Со оставката од функцијата претседател на Унијата на жени на  ВМРО-ДПМНЕ, на Рангелова автоматски и прекинува и членството во Извршниот комитет на партијата. Ист е случајот и со Драган Данев, кој вчера се повлече од координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и за кој имаше, исто така, информации дека излегол на гласање на референдумот. И нему му престанува мандатот во ИК, каде што беше член по функција.