Рангелова нема да биде исклучена од ВМРО-ДПМНЕ

Оставката на Даниела Рангелова на челната позиција на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, вечерва ќе биде констатирана на седницата на извршниот комитет на најголемата опозициска партија. Се очекува да бидат констатирани и оставките на останатите членови на УЖ, како и на лидерот на Унијата на млади сили, Лука Кржалоски. Наследничката на Рангелова ќе биде позната за неколку недели. Најпрво ќе биде распишан конкурс, па потоа ќе се одлучува.

Рангелова, пак, преку медиумите испрати порака дека се срами од своите говори пред неколку години, оти партијата во моментов се движи кон целосна изолација, оти на референдумот требало да се излезе и да се гласа, оти се срами што станала од местото кога во Собранието се гласало за уставните измени, со плачење си заминала дома… Всушност, фрли „дрва и камења“ по актуелното раководство што нејзините противници едвај го дочекаа за да ја потсетат оти лично работела за промоција на Христијан Мицкоски за нов претседател, па дури и беше меѓу организаторите на валандовскиот конгрес. Рангелова останува во партијата и нема да гласа за уставните измени, а ниту партијата планира да ја исклучи.

„Нема причина за тоа“, велат од ВМРО-ДПМНЕ за „Независен весник“.