Рамчиловиќ: Не баравме плус привилегии за пратениците

Пратеникот Зекир Рамчиловиќ негираше дека заедно со колегите од независната пратеничка група се иницијатори на барањето за дополнителни бенефиции за народните избраници по истекот на нивниот мандат. Тој вели дека ниту дале идеја, ниту подготвуваат каков било предлог-закон за пратеници.

„Фокусирани сме. Фокусирани сме целиот период на чекори кои водат кон помирувањето, дополнително подобрување на решенијата за уставни промени и секако на реформските закони, а ова не го сметаме за потребна реформа во процесот на пристапување на Македонија во ЕУ и НАТО“, изјави Рамчиловиќ за „Независен весник“.

Пред неколку дена, парламентарното тело за реформи соопшти дека се подготвува Закон за подобрување на статусот на пратениците по истекот на нивниот мандат. Со него би им се овозможило на пратениците кога ќе престанат со работа во законодавниот дом, да ги чека позиција во државната служба. (Г.А.)