Проф. д-р Магдалена Отљанска: Сѐ повеќе млади имаат проблем со висок крвен притисок

Од 50 години до 65 години е просечната возраст на пациентите што се лекуваат од хипертензија на Универзитетската клиника за кардиологија. Таа граница се поместува надолу секаде во светот, па и кај нас. Проф. Д-р Магдалена Отљанска, кардиолог, ги објаснува причините за појава на висок притисок, начините за превенција и за лекување

Дел од здравствените институции се вклучија во одбележување на Неделата на хипертензијата овозможувајќи бесплатни превентивни прегледи за граѓаните. Што покажува искуството на Клиниката за кардиологија, колку граѓани просечно годишно се лекуваат од висок крвен притисок?

– Оваа година целта беше да се стави значење на навременото откривање на покачениот крвен притисок кај младата популација со превентивните прегледи и мерења на крвниот притисок како и совети и препораки дадени кај индивидуи кој се со покачен крвен притисок и антихипертензивна терапија Хипертензијата е водечка причина за кардиоваскуларен морбидитет и морталитет во светот и кај нас. Стапката на хипертензија се покачува глобално. Во Европа 30-45 отсто од населението има покачен крвен притисок, додека предвидувањата се дека бројката на индивидуи со покачен крвен притисок ќе се зголемува, и до 2025 година околу 1,6 милијарди луѓе во светот би имале покачен крвен притисок. Со оглед на епидемиолошките податоци и сериозните здравствени последици, кои се поврзани со покачен крвен притисок, превенирањето, дијагностицирањето и третманот се од суштинско значење.

Ако порано оваа дијагноза се поврзуваше со лица во поодмината возраст, сега имаме и млади луѓе со хипертензија. Кои се причините за таквата состојба?

– Кога зборуваме за покачен крвен притисок кај младите луѓе, треба да се зборува за дебелината, фамилијарната предиспозиција (кога еден од родителите или поретко и двата родители имаат покачен крвен притисок) и стресот како фактори кои се асоцирани со покачениот крвен притисок. Физичката неактивност и лошиот начин на живот имаат значајно влијание во покачување на крвниот притисок, како и поголем внес на сол во исхраната. Кај младите луѓе најчесто се јавува примарната форма (непозната причина за покачен крвен притисок) на хипертензија, но во мал процент може да се јават и секундарните форми (каде што е позната причината ).

Која е просечната возраст на пациенти што се лекуваат на Клиниката за кардиологија поради примарна хипертензија?

– На Клиника за кардиологија се лекуваат пациенти со покачен крвен притисок на возраст над 14 години. Појавата на покачен крвен притисок се зголемува со возраста, така што почести се пациентите на средна возраст, пациенти со напредната возраст, при што просечната возраст на пациентите се движи од 50 години до 65 години.

Како се лекува висок притисок и дали терапијата е доживотна?

– Хипертензија е хронично заболување и третманот е долготраен. Третманот на висок притисок опфаќа нефармаколошки (третман без лекови) и фармаколошки третман,односно комбинација од двата третмани. Нефармаколошкиот третман се однесува на животните навики – намалување на телесна тежина, намалување на внес на сол во исхраната, зголемување на физичка активност, прекин на пушење тутун, внес на храна богата со зеленчук и овошје, намалување на стресот со одредени релаксациски вежби. Редовното земање на терапија овозможува пациентите да имаат помала можност за оштетување на целните органи (срце, бубрег, мозок, крвни садови, очи) и развој на компликации поврзани со покачениот крвен притисок, како коронарна артериска болест, срцева слабост, периферна артериска болест, мозочен инсулт, бубрежно оштетување, засегање на очите – ретинопатија. Современата фармакологија дава многу тераписки можности, има многу класи на лекови и нивни комбинации за справување со нерегуларен крвен притисок. Кај одредени форми на хипертензија (резистентни форми ) можен е и инвазивен пристап со интервентни процедури. Секако, важен е индивидуалниот пристап во лекување покачен крвен притисок.

Кои превентивни мерки како лекар ги препорачувате?

– Промената на животните навики е значајна како нефармаколошки тераписки пристап во регулирањето на крвниот притисок. Препорачуваме во однос на исхраната да биде несолена, немасна, со зголемен внес на зеленчук и овошје. Во однос на физичката активност, треба да е умерена физичка активност, најмалку 5-7 дена во неделата, во траење од најмалку 30 минути. Советуваме прекин на пушење тутун, а при евентуално консумирање алкохол, се препорачано тоа да се прави умерено. Кај индивидуи со покачена телесна тежина се советува намалување на телесната тежина (индексот на телесна маса да е 25кг/м2). Ако пациентот се придржува на дадените совети во однос на телесната тежина, исхраната, физичката активност, може да влијае на регулација на крвниот притисок и пациентот да нема потреба од примена на фармаколошка терапија.

Доколку има хипертензија поради генетска предиспозиција, здравиот животен стил може да влијае на вредностите на крвниот притисок, но и покрај тоа постои можност да се покачи во одреден период од животот. Разговорот со пациенти што се под стрес е од битно значење и затоа се потребни почести контроли, за да им се помогне во справувањето со стресот.

Кои се симптомите што треба да го поттикнат пациентот да провери дали страда од висок притисок?

– Најчести симптоми што може да укажуваат на покачени вредности на крвен притисок се главоболка, стегање во тилот, вртоглавица, зуење во ушите, нагон за повраќање, поретко болка во градите. Овие симптоми може да ја натераат индивидуата да го измери крвниот притисок и, секако, ако е покачен, да побара лекарска помош. Но кај одреден процент од пациентите покачениот крвен притисок е асимптоматски, односно пациентот е без тегоби и подолг временски период болеста останува недијагностицирана, а со тоа и можноста за компликации е поголема.

Можат ли пациентите со хипертензија да имаат долг и квалитетен живот?

– Да, секако, доколку пациентите ги применуваат дадените совети за животните навики, кои може да се во релација со покачен крвен притисок, и доколку редовно ја земаат пропишаната антихипертензивна терапија, можноста за превенција на несаканите случувања е поголема. Тоа дава можност за подолг и квалитетен живот.

(Сунчица Стојановска Зоксимовска)