Професорот Мицкоски се разликува од политичарот Мицкоски

Политичарот Христијан Мицкоски речиси целосно се разликува од професорот на Машинскиот факултет, Христијан Мицкоски. Тој стана претседател на ВМРО-ДПМНЕ кога партијата беше во длабока криза, кога почна втората фаза од преговорите за името со Грција, па оттука и целиот политички амбиент влијае врз неговата политичка фигура. Јавноста во него често гледа политичар со цврсти ставови, но и голема резервираност во комуникациските вештини. На ТВ-дуелот со премиерот Зоран Заев, Мицкоски покажа напаѓачки стил во политиката, но отфрлаше да каже какви се неговите проекции за иднината и на државата и на партијата.

Професорката Јасна Бачовска, која предава Комуниколошки науки на Правниот факултет, вели дека нејзините очекувања како граѓанин биле дека тој ќе донесе изменет стил, поголема храброст и дефиниран став, не е одушевена од опозицискиот лидер. Бачовска вели дека дебатата, која беше негова прва голема политичка промоција, покажала дека тој e политичар кој нема длабочина.

„Јас не ја знам другата страна каков е тој како професор, како колега и не можам да го коментирам. Како политичар тука гледаме една инерција од претходната политичка реторика, има цврсти ставови во однос на комуникациските вештини, како говорник нема многу промени во стилот. Јас мислам дека сето тоа е така поради политичкиот амбиент коj ние гo знаеме, и внатре во партијата и во државата. Сите политичари треба да имаат цврст став ако вистински го бранат, меѓутоа, мислам дека има голема доза на резервираност… Ја гледав првата дебата меѓу Мицкоски и премиерот Заев на јавниот сервис, не бев воодушевена. На таа прва дебата, која очекувавме да биде промотивна во однос на неговиот политички лик и политички профил, не го видов тоа како граѓанин што го очекував од еден опозициски лидер. Тој требаше да има променет стил, поголема храброст и дефиниран став“, вели Бачовска.

Социологот Илија Ацески од Филозофскиот факултет вели дека со настапите и говорот, Христијан Мицкоски како политичар креира слика кај граѓанинот дека сите го слушаат тоа што тој го зборува, но дека не го интересира она што другите мислат.

„Кога го набљудувате Христијан Мицкоски како политичар на ВМРО-ДПМНЕ, има таква струја која мисли дека сè е свртено против партијата. Има три улоги кои тој може да ги игра во овој момент, ама не знаеме која улога ја игра сега Мицкоски. Како отелотворение на ВМРО-ДПМНЕ, демек, бараме некоја чистота; потоа, Мицкоски како производ на Никола Груевски и групата околу него која има бизнис интереси или самиот ја претпоставува таквата личност, што не верувам дека е така. Нема ни харизма за политичар“, вели Ацески.

Студентите од Машинскиот факултет велат дека тој практикува интерактивна настава. Бара знаење, ама не е скржавец да им го пренесе. Во текот на наставата одвојува време за нејасни прашања. Со студентите професорот Мицкоски се договарал кога да се одржи колоквиум или испит, да не се случи во еден ден да имаат два теста. Го пофалија и дека им држел дополнителни предавања во саботите пред да имаат колоквиум.

„Сега сум трета година на Машински факултет, професорот Христијан Мицкоски ми предаваше лани во третиот семестар по предметите Кинематика и Динамика. За оценки е строг, бара знаење, објективен е во оценувањето, најважно му е кој колку научил. Јас учев колку да положам и испитот го положив со шестка. Имаше комуникација меѓу студентите со него, лоша страна беше кога почна да не доаѓа на предавањата, па нив ги држеше асистентка“, ни рече студентот Илија.

„Испитот кај професорот Мицкоски го полагав три пати, два пати не положив, дури третиот пат положив со седумка. Не успеав да положам претходно бидејќи немав научено, ги немав решено задачите, не одговорив на прашањата“, вели Јане.

„Учевме заедно со професорот, на часовите не молчевме, бевме активни, не се сведуваше наставата само тој да предава. Бараше знаење, за тоа беше строг“, се потсетува Ана, која веќе има завршено на Машински факултет.

„Во саботи доаѓавме на дополнителна настава и тоа по негова иницијатива пред колоквиум“, подвлече Наташа, поранешна студентка на факултетот.
Вонредниот професор Христијан Мицкоски на Машинскиот факултет во Скопје држи предавања по неколку предмети како: Статика, Техничка механика, Јакост I, Кинематика, Динамика, Динамика и осцилации, Механизми, Динамика на машини. Неговите колеги велат дека имаат добра комуникација со него. Разговаравме со повеќемина од нив. И тие, сакајќи да останат анонимни, велат дека нивните впечатоци за Мицкоски се позитивни. Тој е колегијален, комуникативен, со нас нема цврсти ставови, велат професори од Машинскиот факултет.

Вероника Мароска-Леова