Протест пред Влада поради бегството на Груевски

Група граѓани и вечерва протестираат пред Владата и бараат одговорност за бегството на Никола Груевски. Присутните побараат итна оставка на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, но и притвор за Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК и братучед на Груевски.

Бурни реакции предизвика  бегство на Никола Груевски, кој веќе се наоѓа во Будимпешта и бара азил. Граѓаните и вчера мирно протестира пред Владата под мотото “Нема правда нема мир”. Тие бараа во протестот да се приклучат и владини претставници кои под истото мото протестираа пред падот на власта на Груевски.

Од македонското Министерство за правда вчера соопштија дека се подготвува потребната документација за екстрадицијата, откако кај нив стигнало известување од Министерството за внатрешни работи дека Груевски се наоѓа во Унгарија. За екстрадиција на Груевски потребни се документи од Судот односно правосилна пресуда, извадок од КЗ за описот на делото и застареноста на кривичното гонење односно за извршувањето и барање од Судот до надлежниот орган во државата каде што треба да се постапи за екстрадиција.