Промоција на Скопје како туристичка дестинација

Новинари од Босна и Херцеговина, Србија, Хрватска и од Црна Гора ќе ги промовираат Скопје и Македонија како туристички дестинации и ќе снимаат подготовка на македонски специјалитети во секој регион од земјава што ќе го посетат.

Новинарите, денеска прошетаа низ Скопје со градоначалникот Петре Шилегов, кој ги запозна со културно-историски знаменитости, Старата чаршија, Старата железничка станица, спомен-куќата на Мајка Тереза, црквите „Свети Спас“ и „Свети Димитрија“, плоштадот „Македонија“ и Скопската тврдина, а го посетија и Градскиот трговски центар.

„Скопје е симбиоза на сите култури што постојат на Балканот. Овде можете многу лесно да видите се што е огледало на Балканот, сите култури, сите религии, сите традиции, како и „модерната“ што е еден од најдобрите правци во архитектурата“ – им порача Шилегов на новинарите од регионот.

Ги повика да ја посетат и Старата скопска чаршија, што е најголема на Балканот, многу автентична и добро зачувана, многу жива и посетена, со многу ресторани и дуќани, на нејзините влезови имате средновековни цркви, а внатре остатоци од османлиската култура.

„Ако доаѓате на еден ден секако треба да го посетите и манастирот „Св.Пантелејмон“ на скопската планина Водно, но и овој објект, каде што се наоѓаме денеска, се трудиме да му го вратиме стариот дух на Скопје, објект од 70-тите години што успеавме да го спасиме од фасадизација, а вчера ја отворивме изложбата со 26 графити“, истакна Шилегов.

Информативната тура за новинарите од регионот продолжува и во наредните три дена со посета и снимање на манастирот „Свети Пантелејмон“, кањонот Матка, Маврово, Дебар, руралните предели на Македонија, посета на манастирите „Јован Бигорски“ и „Свети Ѓорѓи Победоносец“ во Рајчица, Охрид, Битола и винскиот регион на Македонија. Патувањето за новинарите од регионот го организира Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) на Република Македонија.