Продукција на „Инсајдер“: Немаме поврзаност со 1ТВ, ќе тужиме за логото

Српската продукција „Инсајдер“ која изработува авторски истражувачки емисии вели дека нема никаква поврзаност со македонскиот „Инсајдер“, емисија која неколку месеци се најавува дека ќе се емитува на 1ТВ.

Од српската продукција велат дека ќе ја тужат македонската телевијза во сопственост на Бојан Јовановски – Боки 13, бидејќи без дозвола се користело нивното лого и повредени им се нивните авторски права.

„Подготвуваме тужба и бараме забрана за емитување се до завршувањето на постапката. Телевизијата 1тв во септември најави емисија со наслов „Инсајдер“, а во средината на јануари ги најави и темите кои ќе бидат емитувани, наведувајќи дека работи за лиценциран формат. Поради поврзаноста со „Инсајдер“ кој е ширум регионот препознатлив формат, ние како продукција прво испративме писмо со опомена до таа телевизија, но бидејќи најавите за емисија се повторуваат сега подготвуваме тужба“, се вели во соопштението на српската продукција.

Дополнуваат дека ги преземаат сите правни мерки за да се заштитат од било какво поврзување меѓу нив и македонската емисија која се најавува на 1ТВ.

Емисијата првично беше најавувана дека ќе започне во месец јануари, но од телевизија сега велат дека серијалот ќе оди од средината на следниот месец.

Во една од најавите на оваа емисија се споменува името на Зоран Азманов, претседател на надзорниот одбор на Настел ДООЕЛ. Тој вчера на пресконференција кажа дека против сопственикот на телевизијата Бојан Јовановски, поднел кривична пријава за изнуда и за изнесување невистини.

Азманов на средбата со новинарите објасни дека во петокот, во 13 часот и 51 минута, Бојан Јовановски во телефонски разговор му побарал 50.000 евра или стан за да „немал никакви проблеми“. Азманов го пријавил случајот во полиција, односно поднел кривична пријава за изнуда и за изнесување невистини.

Азманов го побарал Ацо Кабранов, уредникот во 1 ТВ, но тој не знаел ништо за емисијата „Инсајдер“ и го пренасочил кај Бојан Јовановски. Кога му се јавил на Јовановски, тој му потврдил оти ги има сите документи од финансиската полиција и дека се е од сигурни извори.

Азманов смета дека Јовановски документите ги зел по нелегален пат, оти претходно, како што вели, никогаш не бил повикан во финансиска полиција за каква било истрага.

– Јас никогаш не сум бил повикан во финансиска полиција за каква било истрага, а ваму му даваат документите на Бојан Јовановски да ме рекетира. Финансиска полиција не смее да дава документи и доколку ги има треба мене да ме повика, вели Азманов.

Тој побара од институциите да испитаат кој е тој што на нелегален начин контактирал со Бојан Јовановски за да му ги даде документите.

– Никогаш не сум контактирал ниту еден судија, ниту обвинител, како што пишува во најавата за „Инсајдер“, а ако е така, би сакал да добијам име и презиме. Ниту познавам обвинители, ниту контактирам со судии, посебно не во врска со градежништвото, додава Азманов.

Тој го повика Јовановски да се соочат во ТВ дуел, на која било телевизија.

Азманов се извини за пораката што му ја испратил на Кабранов оти „ќе го реши по цена на живот“ и вели дека тоа го напишал во афект.