Продолжува судењето за настаните во Собранието на 27 април


Во Кривичниот суд во Скопје денеска продолжува судењето за настаните во Собранието на Македонија на 27 април минатата година.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и треба да продолжи со прегледување на видео снимки од безбедносните камери во Собранието. Ова е второ рочиште за случајот неделава, а нови рочишта се закажани за секој ден до крајот на неделата.

На минатото рочиште беше прегледана само една снимка од собраниска камера број 10 и тоа само до половина, бидејќи рочиштето не продолжи по паузата поради собраниски обврски на пратениците Сашо Василевски, Васил Арнаудов и Крсто Муковски.

На видео снимката се гледаа случувањата во малиот ходник кој води од холот Длаборез до Сала 3, односно собранискиот прес центар. Снимката почнува од 18:45 часот, и во ходникот се гледа раздвиженост на луѓе, меѓу кои и неколку лица со фантомки на главата, но и претставници на собраниското обезбедување, МВР и ЕБР. До паузата снимката беше прегледана само до 20.30 часот. Претходно обвинителството посочи дека немаат забележано моменти што се важни за овој случај се до 22 часот, по што судијката Кацарска ја праша одбраната дали да се гледа целосно снимката, на што одбраната побара снимката да биде целосно прегледана.

За случајот „27 април“ обвинети се вкупно 33 лица, од кои 31 за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување. На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко
Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашко Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.