Продолжи седницата за избор на нови министри

Расправата за изборот на нови четворица министри попладнево продолжи со дебата и критики за работата на Владата во изминатата година од пратениците од опозицијата.

Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ читаше делови од Програмата на Владата, посочувајќи на проекти кои се уште не се реализирани.

– Ветувањата вие ги дадовте. Требало да внимавате што ветувате. Ваша должност е да го подобрите животот на граѓаните. Вие ветивте 100.000 денари за лекарите…, рече Илиоски.

Граѓаните, повтори тој, ве перцепираат како „ќе влада“.  – Ние сакаме да бидеме конструктивни да ве упатиме каде да се поправите, рече пратеникот.

Премиерот во контрареплика одговори дека е свесен оти очекувањата на граѓаните се големи, но оти државата не може да сервисира се, бидејќи ја затекнале со обврски од 382 милиони евра и дополнителни 280 за Скопје 2014.

– Сите знаеме што значи да се почне од 382 милиони евра обврски дополнително 280 милиони евра за Скопје 2014 при исполнувањето на сите очекувања што граѓаните ги имаат. Многу често зборувам дека разочарувањата се логични, очекувањата се големи, но државата не може да сервисира се од причини што сите знаеме во каква состојба ја затекнавме. Но, тоа што го можеме веќе го направивме, рече Заев.

Повтори дека е обезбедено покачување за дополнителната работа на здравствените работници, дополнителен буџет од 150 милиони денари за специјализантите да земаат плата, обезбеден е дополнителен буџет да земаат децата на социјално загрозените семејства…

– Верувам, дека со реорганизација на финансиските средства во Буџетот ќе успееме да обезбедиме 100.000 денари плата за лекарите специјалисти од јануари 2019 година, рече премиерот.

Заев е убеден дека ќе се постигне просечната плата од 500 евра, а повеќе од 40 отсто од урбаните општини во Македонија веќе имаат урбанистичка документација и главни планови за цевководи за гас за да може да се почне да се работи. Премиерот потенцираше дека во првиот квартал од 2018 година имаме  233 милиони евра странски инвестиции.

Пратеникот Трајчо Димков од ВМРО-ДПМНЕ праша за што дебатираат пратениците во ситуација кога се разговара за името на земјата.

– Оваа реконструкција е шминка, рече пратеникот, посочувајќи дека Владата треба да си оди бидејќи и нанела голема штета на државата и нема капацитет да ја води државата.

Актуелната Влада, според него, нема ниту еден претставник од Брегалничкиот регион. Како позитивна ја оцени смената на Роберт Алаѓозовски од министерското место за култура, но смета дека исто така, требаше да биде сменета и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска. За Рената Дескоска кажа дека поддржала донесување на лош Закон за високо образование, а Андреј Жерновски, предложен за заменик-министер за надворешни работи, направил се само за да дојде до функција.

Оваа Влада, кажа пратеникот Самка Ибраимовски од владејачкото мнозинство, е демократска, не е режимска како вашата. Реплицирајќи и на Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ, Ибраимовски рече дека нашите институции треба се да направат за да се вратат украдените пари од претходната влада.

Премиерот Заев за нови министри ги предложи Рената Дескоска за правда, за образование и наука Арбр Адеми, за култура Асаф Адеми и за министер без ресор Бардил Даути. Министрите треба да бидат изгласани до полноќ. Се очекува седницата да биде прекината од 19 до 21 часот.

По изборот на министри, треба да се пристапи кон избор на заменици министири. За заменик министер за надворешни работи е предложен Андреј Жерновски, за заменик министер за здравство Асим Муса, за заменик министер за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар и за заменик министер за транспорт и врски Садик Беќири.