Престројувања во редовите на СДСМ: Бучковски се враќа дома

Поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Владо Бучковски, скоро десет месеци чека одговор од надзорниот одбор на владејачката партија за негово враќање во „старото јато“, од каде што беше исклучен пред локалните избори во 2013 година.

Бучковски, според нашите информации, го поднел барањето за враќање во СДСМ есента минатата година, но надзорниот одбор, на чие чело е актуелниот министер за транспорт и врски Горан Сугарески, не се произнел досега. Од Сугарески не успеавме да добиеме одговор зошто се развлекува постапката за евентуално враќање на Бучковски во партијата и тоа во ситуација кога повеќе кадри кои во изминатите години беа на дистанца од партискиот врв или, пак, преминуваа во други партии, сега се враќаат назад и се ангажираат на различни функции на „Бихаќска“ или на „Илинденска. Исто така, по изборот на Петре Шилегов за градоначалник на Скопје, владејачката партија остана без портпарол, така што не е едноставна работа да се добие официјална информација околу партиските активности и политики, во ситуација кога речиси целиот партиски врв е преселен во Владата или во Собранието.

Кон крајот на 2012 година, кога на чело на СДСМ беше Бранко Црвенковски, Бучковски беше исклучен од партијата, со образложение дека работи спротивно на нејзините интереси и дека ѝ нанесува штета. Истовремено, од СДСМ беа исклучени поранешните функционери Виктор Цветковски од Куманово и Димитар Бузлевски од Ресен поради тоа што објавија независни кандидатури за градоначалници за изборите во 2013 година. Од СДСМ тогаш замина и Стевчо Јакимовски поради неговата кандидатура за градоначалник на Карпош, наспроти тогашниот партиски став за бојкот на изборите.

Во меѓувреме, Бучковски и Јакимовски формираа нови партии – Алијанса за позитивна Македонија и ГРОМ. Дел од кадрите во и околу овие партии сега или се вратија во старото јато, или фигурираат како партнери на СДСМ. Таков е, на пример, случајот со пратеникот Чедомир Саздовски, кој се врати како член на централниот одбор на СДСМ или со Драгиша Милетиќ, кој своевремено му го позајми печатот на неговата партија на Јакимовски, а сега е во коалиција со СДСМ. Андреј Жерновски, по заминувањето од ЛДП, беше неодамна кооптиран во централниот одбор на СДСМ, а на функции се вратија и дел од кадрите што едно време беа дистанцирани од партијата.

Таков, веројатно, ќе биде случајот и со Борис Кондарко, кој неколку месеци по смената на кормилото на СДСМ во 2013 година, поднесе оставка од претседател на ДИК, по што тоа место го пополни неговиот сопартиец Никола Рилковски. Сега Кондарко е еден од најсериозните кандидати од редовите на социјалдемократите за член во новиот состав на ДИК, кој треба да го спроведе претстојниот референдум за името.
Заев и Бучковски беа блиски соработници во годините пред исклучувањето на поранешниот лидер од партијата. Многумина од луѓето кои во минатото важеа за „бучковисти“ во партијата сега се дел од тимот на Заев во СДСМ или во Владата. Деновиве имаше и шпекулации дека Бучковски е ангажиран како советник на Заев, но за такво нешто нема официјална потврда засега.

Од друга страна, речиси и да нема комуникација меѓу актуелниот партиски лидер и неговиот претходник – поранешниот шеф на државата Бранко Црвенковски. Тоа неодамна индиректно го потврди и Заев. Гостувајќи на 1ТВ, тој рече дека не се слушнал и не разговарал со Црвенковски во врска со договорот за името со Грција.
„Знам дека Црвенковски сака да бидеме членка на ЕУ и на НАТО, но немаме разговарано сега. Претходно, преку посредници не охрабруваше, но се немаме слушнато“, рече Заев.

Во наредниот период, според најавите, се очекуваат нови престројувања и засилена мобилизација на членството на владејачката партија, во пресрет на кампањата за референдумот за името. Според информациите, веќе се преземаат првите активности во таа насока, моментно во базата, односно меѓу членството во општинските организации. По распишувањето на референдумот, пак, ќе се формира централен штаб за водење на кампањата, во кој би се вклучиле и партиите кои се во коалиција со СДСМ. (А.М.М.)