Предлог-законот за спречување на корупцијата влегува во собраниска процедура

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски најави дека Предлог- законот за спречување на корупцијата влегува во собраниска процедура.

-Ги отвораме вратите за избор на нов состав односно независна и професионална Државната комисија за спречување на корупција. Со предлог законот се прошируваат надлежностите на Комисијата со цел таа да стане тело кое суштински, а не само декларативно ќе застане на патот и ќе и се спротистави на корупцијата во државата. Македонија, има потреба од таква силна независна институција. Имајќи ја предвид важноста, но и итноста од нов состав на антикорупциската комисија, овој Закон пред пратенците ќе се најде по скратена постапка и со европско знаменце – вели Митревски.

Тој ги повика сите пратеници да покажат дека се навистина против корупција и да го поддржат предлог законот.

– Крајно време е да запрат блокадите и деструкциите. Партиските интереси треба да се стават на страна. Независно, професионално и силно регулаторно тело кое ќе се бори против корупцијата е во интерес на целокупното општество. Време е Македонија конечно да добие вистински силна и целосно независна Државна комисија за спречување на корупција – вели Митревски.