Предлог-законот за спречување корупција пред пратениците во скратена постапка

Предлог-законот за спречување на корупцијата и судир на интереси во скратена постапка, со европско знаменце е на дневен ред на продолжението на 80. седница на Собраниието, што ќе почне во 15:30 часот.

Во претпладневната расправа пратениците со 84 гласа „за“ го усвоија предлогот на Владата за донесувањето на законот за спречување на корупција и судир на интереси по скратена постапка.

Претседателот на Собранието Талат Џафери ја задолжи Комисијата за европски прашања како матично тело да расправа по предлог на законот за да се овозможи да ги извести пратениците за рокот на поднесување амандмани и потоа тој да дојде на пленарна седница.

Министерката за правда Рената Дескоска во обраќањето пред пратениците ги повика да го дадат својот глас за законот, нагласувајќи оти тоа е важно за да се испочитуваат роковите за избор на нов состав на Државна комисија за спречување на корупција во пресрет на претседателските избори. Нагласи дека на законот, по предлог на Владата му се ставено европско знаменце, поради, како што рече обидите да се блокира неговото донесување со доставување на преголем број амандмани.

Напомена дека законот е испратен на експертско мислење до ЕК и оттаму е добиена позитивна оценка за законското решение, во кое се имплементирани европските стандарди и препораки.

-Согласно амандманите проблем имаше околу контролата на финансирањето на политичките партии и нивната контрола. Овој пат ве повикувам прво да ја поддржиме потребата од донесување на овој закон по скратена постапка и да овозможиме на наредните претседателски, а можеби и парламентарни избори да имаме ДКСК, која ќе го регулира финансирањето на изборната кампања и буџетското трошење во овој период, рече Дескоска.

Напомена дека со новото законско решение се згоемуваат надлежностите на ДКСК и се е тоа во функција заради зголемување на капацитетите на нејзиното работење.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски истакна дека е крајно несериозно да се каже дека некој сака да го спречи донесувањето на антикорупцискиот закон.

-Зборувавме само за еден амандман. Собранието стана приватна институција на парламентарното мнозинство и власта. На дневен ред е важен реформски закон, по трет пат поднесен во Собранието, истакна тој и напомена дека станува збор за закон за кој има согласност од сите политички партии, а неговата партија амандманите ги поднела во насока на подобрување на текстот.

Собранието денеска ги усвои и усвои предлот одлуките за објавување на јавни конкурси за именување на членови на Програмскиот советот на Македонската радио телевизија, за избор на членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, јавен оглас за избор на заменик директор на Дирекцијата за заштита на личните податоци и за именување на член на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

На ставањето на овие точки на дневен ред регагираа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, кои посочија дека овие точки биле поместени нешто по 12 часот и оти тие немале време да се запознаат до нивната содржина. Собранискиот спикер им одговори дека станува збор за одлуки за објавување конкурси, а не за избор на конкретни лица.

Владата кон крајот на минатиот месец го повлече Предлог-законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, кој беше во собраниска процедура, а пратениците на 24 декември го усвоија во прво читање со 59 гласа „за“ и 16 „против“. Во образложението на Владата се наведува дека на последната седница е донесена одлука за повлекување на антикорупцискиот закон од собраниска процедура со цел тој да добие европско знаменце и да се забрза постапката на неговото донесување, а со тоа и постапката за избор на нова Државна комисија за спречување на корупцијата според новите критериуми утврдени со законското решение.

ДКСК не функционира речиси 11 месеци, откако во март лани по објавувањето на ревизорскиот извештај за финансиското работење на Антикорупциска, во кој ревизорите нотираа сериозни сомневања за малверзации од страна на членовите како фалсификувани сметки, лажни патни налози, нереални суми за изнајмување на станови во Скопје, петмина од нејзините седум членови си поднесоа оставки, меѓу кои и претседателот Игор Тантуровски.