Преговори во Скопје за признавање на дипломите на четири професии во регионот на Западен Балкан

Втората рунда преговори за заедничко признавање на дел од дипломите меѓу земјите на Западен Балкан продолжува денеска во Скопје, соопшти Регионалниот совет за соработка, чија генерална секретарна Мајлинда Брегу од вчера е во посета на Македонија.

Процесот на преговори треба да заврши со „Спогодба за заедничко признавање“ на дипломите меѓу шест земји од Западен Балкан, со што ќе се обезбедат подеднакви услови за прифаќање на професионалните квалификации на лекарите, стоматолозите, архитектите и градежните инженери и ќе се овозможи тие да можат да работат без проблем во која било од овие земји.

Генералната секретарка на РСС Брегу на отворањето на дводневниот состанок подвлече дека непреченото движење на професионалниците е дел од европеизацијата на регионот.

-Фер е од мене да кажам дека ова се предизвикувачки времиња и тие носат големи очекување. Секои преговори се приказна составена од влијание и дијалог, трансформација и надеж за поединците, за општествата за државите, изјави Брегу, ветувајќи дека на тој пат РСС ќе обезбеди неутрална техничка помош и олеснување на процесот.

Со постигнување на договорот се очекува полза да имаат по околу 600 професионалци од земјите на Западен Балкан секоја година, за разлика од сега каде овој број поради постоечките бариери се движи по околу 20 поединци од секоја земја.

Постигнувањето на договорот за Спогодбата за заедничко признавање на дипломите се очекува пред годинешниот Самит на Западен Балкан и ЕУ, предвиден да се одржи во јули во Полска.

Брегу денеска во Скопје има средби со претседателот на Собранието, Талат Џафери и претседателот на собраниската Комисијата за европски прашања Артан Груби.