Првпат вакцинација во земјава со четиривалентна вакцина против грип

Вакцинацијата против грип ќе почне да се спроведува од оваа среда во центрите за јавно здравје низ земјава. Министерството за здравство годинава првпат овозможи бесплатна вакцина против сезонски грип за лица над 65 години со просечна и потпросечна пензија, како и за оние без пензија. За заштита од сезонски грип за 2018/2019 година, обезбедени се вкупно 28.000 дози вакцини. Помладите граѓани, доколку сакаат да се вакцинираат, ќе треба да си платат за вакцина, но цената уште не е официјално потврдена и ќе се знае најдоцна денеска.

„Станува збор за најнова четиривалентна вакцина против грип, која заштитува од четири типа инфлуенца и е произведена од француската фармацевтска компанија ‘Санофи Пастер’. Вакцината против грип е незадолжителна и се дава на доброволна база, но се препорачува за хронично болни и возрасни пациенти“, подвлекуваат од Министерство за здравство.

Вкупно 41.100 дози вакцини се набавени за јавните здравствени установи и од нив 28.000 се наменети за повозрасни граѓани и се бесплатни. Вакцините ги обезбеди Министерството, а набавката на 13.100 комерцијални вакцини, кои се наменети за помладите, ја направија центрите за јавно здравје. Дополнително 2.000 вакцини набавиле приватните здравствени установи. Дистрибуцијата на вакцините е во тек, се доставуваа вчера и денеска во јавните здравствени установи.

Професорката на Фармацевтскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Александра Грозданова, која е и претседателка на Комитетот за имунизација на Македонија, вели дека секоја година има недостиг на вакцини за грип. Подвлекува дека годинава првпат во Македонија ќе се користи четиривалентната вакцина по препорака на Светската здравствена организација.

„Секоја година имаме недостиг на вакцината за грип. Оваа вакцина е високопрепорачана и секој матичен лекар треба да го советува својот постар пациент да ја прими вакцината. Затоа Министерството за здравство излезе со иницијатива за оние што не можат да си ја дозволат комерцијалната вакцина да обезбеди 28.000 бесплатни, кои ќе ги дава на повозрасните, на оние што имаат над 65 години, на тие со просечна пензија и на граѓаните што се без примања. Речиси сме единствени во регионот, додека цела Западна Европа вакцинира со четиривалентна вакцина. Станува збор за нова современа вакцина поради што имавме задоцнување, условно од една недела со вакцинацијата. Сè уште немаме епидемија од грип, така што на време ќе биде имунизацијата. Првпат ја користиме четиривалентната вакцина бидејќи до лани беше тривалентна. Годинава од Светската здравствена организација дадоа упатство да се користи четиривалентната вакцина, поради тоа што лани лошиот инвазивен грип со лоша клиничка слика се должеше на вид што не беше опфатен со тривалентната“, објаснува Грозданова.

Освен за хронично болните, вакцината за сезонски грип лекарите ја препорачуваат и за граѓаните што имаат респираторни заболувања и дечињата што имаат намален имунитет. Грипот, посочуваат, може да има лесна клиничка слика кај пациентот, ама не се исклучени сериозни последици. Епидемиологот Александар Стојанов од Центарот за јавно здравје потенцира дека добро би било ако 20 отсто од населението се вакцинира против грип, но проблем е што малку од граѓаните се вакцинираат.

„Пациентите со кардиоваскуларни болести, хронично болните, дијабетичарите, бубрежно болните треба да се вакцинираат, покрај постарите над 65 години. Треба да се сфати дека тоа е култура на живеење, да се заштитат, доаѓа зимно време, грипови. За да ја примат вакцината, граѓаните не треба да имаат температура и акутна болест во моментот и да не се алергични на јајца и на пилешко месо. Дури 80 отсто од граѓаните што ги вакцинираме, ја имаат примено вакцината против грип изминатите години. Луѓето имале бенефит и си доаѓаат секоја година. Имунизацијата е за четири типа грип и со неа ќе биде подобра заштитата“, посочува Стојанов.

Инаку, лани беа набавени речиси 30.000 вакцини за заштита од грип, а една чинеше 400 денари.

Вероника Мароска-Леова