Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се уште без одлука за учество во работата на Парламентот

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се уште нема донесено одлука дали ќе учествува во работата на Парламентот.

На денешната прес-конференција во партиското седиште, пратеничката Дафина Стојаноска, рече дека се уште се во тек внатрепартиските разговори за тоа дали да се вратат во собраниските тела и на седниците.

Во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, се наведува дека координаторите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во текот на денешниот ден ќе одржат средба на која што ќе се разговара околу идното функционирање на Собранието. Се наведува дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на координација одлучила во наредниов период да ги дефинира чекорите за натамошно делување.

Пратениците од партијата, како што се вели во соопштението, ја повторија поддршката за неправедно притворените колеги и останатите граѓани во врска со настаните од 27-ми април, реафирмирајќи ги позициите дека правото не смее да биде погазено од мотивите за политички прогон.

– Одговорност на власта, односно мнозинството на СДСМ е да обезбеди нормално функционирање на Собранието, се наведува во соопштението.

ВМРО-ДПМНЕ, како што стои во соопштението, смета дека Република Македонија може да напредува само доколку законодавниот дом функционира во демократска атмосфера каде што ќе бидат создадени услови за учество на опозицијата и нејзино партиципирање во носењето на законите.