Пратеникот Костадинов стана портпарол на СДСМ

Пратеникот Костадин Костадинов и официјално е назначен за портпарол на СДСМ. Младиот струмичанец (28) изминатиот период речиси секојдневно излегуваше на прес-конференции, со што практично, и се експонираше како гласноговорник на партијата на власт.

Во неговата кратка биографија е наведено дека дипломирал на Економскиот факултет при Универзитетот ФОН во Скопје. Лани започнал со постдипломски студии, насока „Финансиски менаџмент“ на МИТ Универзитет  во Скопје.

„Своето работно искуство го започнува како млад бизнисмен во областа на градежништвото и претприемништвото со сопствена компанија. Посветен да придонесе за развој на своето родно место и интересот на своите сограѓани, од 2013 до 2016 година бил советник во Совет на Општина Струмица. Бил претседател на подмладокот на СДСМ во Струмица во периодот од 2010 до 2018 година. Во февруари 2017 година, Костадинов ја презема функцијата вршител на должност градоначалник на Општина Струмица, која што ја извршува до ноември 2017 година. Од минатата година е пратеник во Собранието од СДСМ и коалицијата. Зборува англиски јазик, а добро го владее и турскиот јазик“, соопштуваат од „Бихаќска“.