По 15 години, Македонија се враќа во Давос ?

Од Владата ниту ја потврдуваат, ниту ја демантираат информацијата што ја објавија грчки медиуми за можно учество на премиерот Зоран Заев на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, каде што секоја година се собира светската политичка и бизнис елита.

Од Владата велат дека не можат моментно да ја потврдат информацијата околу можноста Заев да отпатува во Давос, каде што, како што објавуваат медиумите во Атина, би се сретнал со грчкиот премиер Алексис Ципрас.

„Не се утврдени засега сите детали околу тоа“, вели владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Доколку Заев замине на форумот во малиот швајцарски град, што ќе се одржува од 23 до 26 јануари, тоа би било прво учество на претставник на македонскиот државен врв на престижниот настан по цела една и пол деценија „пауза“. Македонија беше последен пат застапена во Давос во 2003 година, со тогашниот претседател Борис Трајковски.

Според непотврдени информации во грчките медиуми, доколку во наредниот период има напредок во разговорите и доколку и двајцата премиери и Зоран Заев и Алексис Ципрас заминат за Давос, тогаш е многу веројатно да остварат и билатерална средба.