Почна поставувањето монтажна катна гаража, паркингот кај Центарот за култура во Куманово нема да работи

Поради монтажа на катната гаража, од денеска кумановци нема да можат да паркираат на паркинг-просторот кај Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, се до почетокот на март годинава, соопштија од Општина Куманово.

– Монатажата на паркиралиштето е предвидено да трае до крајот на февруари кога се планира и пуштање во употреба. Поради активности за монтирање на паркиралиштето, паркирање на оваа површина во центарот на градот нема да биде возможно до почетокот на март, се наведува во соопштението на Општина Куманово.

За изградба на ова паркиралиште, според податоците на одделението за јавни набавки, општината издвоила речиси 13 милиони денари, без ДДВ. Монтажната катна гаража ќе зафаќа простор од 1.250 метри квадратни.

На оваа локација, според податоците на јавното претпријатие „Куманово-Паркинг“ има 40 паркинг места, едно за лица со инвалидитет и две наменети за електрични автомобили.