Потпретседателски столчиња за Ременски, Мисовски и за Мемеди

Пратениците Фросина Ременски од СДСМ, Горан Мисовски од НСДП и Весел Мемеди од НДП, која беше дел од „Алијансата за Албанците“, според наши информации, се кандидати за нови потпретседатели на Собранието.
За предлозите за нивно именување на функцијата, според наши информации, се обезбедени по повеќе од 20 пратенички потписи, како една од опциите за избор на собраниски потпретседатели. На тој начин ќе се заобиколи Комисијата за избори и именувања, чија работа е, практично, блокирана затоа што нејзин претседател е Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, чија пратеничка група го бојкотира парламентот. Досега не се случило македонскиот парламент толку долго време да функционира без потпретседатели кои би можеле да го заменат спикерот во случај на негово отсуство или ако е спречен да ја извршува функцијата. Иако имаше најави дека предлозите за нови потпретседатели на парламентот ќе се најдат на дневен ред на седницата што почнува утре, од  координацијата зависи како и кога ќе се изведе „операцијата“ за комплетирање на собраниското претседателство.
Ременски е потпретседателка на СДСМ и ова е нејзин прв мандат како пратеник, додека во преодната влада на Емил Димитриев беше министерка за труд и социјална политика. Мисовски, пак, е генерален секретар на НСДП и е еден од поискусните пратеници, со оглед на тоа што е во парламентот во неколку мандати уште од 2006 година. Мемеди е единствениот пратеник на НДП во овој состав. Тој остана во парламентарното мнозинство откако оттаму излегоа двајцата пратеници од партијата на Зијадин Села, со која НДП беше во коалиција.
Деветтиот собраниски состав од старт се соочува со специфични ситуации во однос на неговото раководство, почнувајќи од драматичниот избор на Талат Џафери за прв парламентарец, на 27 април минатата година или дури четири месеци по конституирањето на парламентот – на 30 декември 2016 година. Според тоа, цели осум месеци Џафери е единствениот кој ги води собраниските седници, така што во изминатиот период се случуваа проблематични ситуации како тие кога тешко се собираше кворум, кога се чекаше спикерот да се врати од службен пат за да може да се одржи седница или кога се закажуваа по неколку седници во сабота… Исто така, во целиот овој период не профункционира буџетскиот совет на парламентот, затоа што ова тело треба да го раководи еден од потпретседателите. Поради тоа, според информациите, во целиот овој период мошне тешко се менаџира финансиското работење на законодавниот дом.
Дури овој месец парламентот успеа да ја донесе одлуката со која се утврдува максималната бројка на потпретседатели на парламентот. Според таа одлука, Џафери може да има пет потпретседатели. Покрај СДСМ, НСДП и НДП, како партии од владејачката коалиција, потпретседатели може да предложат и опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Беса. Сепак, овие две партии немаат засега најавено кандидатури. Неизвесно е засега дали ВМРО-ДПМНЕ воопшто ќе предложи свој пратеник за потпретседател, со оглед на тоа што оваа партија сѐ уште нема донесено одлука за целосен прекин на бојкотот на Собранието. Другата причина е тоа што ВМРО-ДПМНЕ не го признава изборот на Џафери за спикер, што се случи на импровизирана седница на 27 април, по што избувнаа и крвавите настани кога демонстрантите од улицата упаднаа во собраниската зграда. Расцепот во Беса и во нејзината пратеничка група, пак, се спомнува како една од причините поради кои оваа партија не предлага кандидат за потпретседател.
За избор на потпретседатели на парламентот треба да се обезбедат по 61 пратенички глас. Во претходниот собраниски состав потпретседатели на тогашниот прв парламентарец Трајко Вељаноски беа Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ и Рафиз Алити од ДУИ. СДСМ, тогаш како опозициска партија, не излезе со свој предлог за оваа функција, затоа што не ги призна изборите во 2014 година и нејзините пратеници не влегоа во Собранието сѐ додека не почнаа преговорите во Пржино. Последен опозициски потпретседател на парламентот беше Јани Макрадули во собранискиот состав кој функционираше во периодот 2011 – 2014 година.

Александра М. Митевска