Постигнат е договор за возачките дозволи меѓу Македонија и Германија

Македонија и Германија постигнаа договор за меѓусебно признавање на возачките дозволи. Договорот меѓу страните ги вклучува сите видови, односно категории на дозволи. Владата на РМ денес ја одобри Декларацијата за заемно и реципрочно признавање на возачките дозволи со Германија, без да мора повторно полагање за возачка дозвола пред германските власти. Од МВР велат дека договорот ќе стапи во сила по меѓусебното потпишување.

По усвојувањето од страна на Владата на Македонија треба да се определи датум за потпишување на овој договор од двете министри.

„ Ова претставува последна фаза пред потпишување на Декларацијата од страна на двајцата министри, со што таа и официјално би стапила на сила. Возачките дозволи ќе им бидат признаени на полнолетни лица со важечка возачка дозвола, издадена од надлежните органи во Македонија и во Германија и кои имаат законски престој на македонска територија (најмалку 180 дена во една календарска година) или на територијата на Германија (најмалку 185 дена во годината)“, се вели во соопштението на Владата на РМ.

Македонските државјани што живеат во Германија чиј вкупен број надминува 100.000 со нетрпение го чекаат договорот да се потпише и да стапи на сила.