Посетата на Бутарис во Скопје сè уште ја бранува грчката јавност

Употребата на уставното име на нашата земја од солунскиот градоначалник при посетата на Скопје, сѐ уште ја бранува грчката јавност. Пратеник од опозициската партија Нова демократија, испрати пратеничко прашање до шефот на грчката дипломатија, по што Јанис Бутарис излезе со соопштение. Пратеникот Ставрос Калафатис се повикува на изјавата на солунскиот градоначалник дека пред патувањето кај нас, разговарал со министерот за надворешни работи на Грција и го прашува Коѕијас за кои теми и за каква согласност станало збор.

– Дали постоеше согласност, а ако постоеше за што беше, меѓу градоначалникот на Солун и министерот за надворешни работи, нешто за што говореше градоначалникот во неговите изјави? На кои теми се однесуваше и со која надлежност ќе разговараше градоначалникот на Солун, прашува пратеникот Калафатис.

Дали градоначалникот на Солун имаше разговори зад камери со официјални претставници на ПЈРМ, а дали грчкото МНР знае за тоа и на која тема?

Јавната позиција, изразена во Скопје од градоначалникот на Солун, која е индиректно, но јасно прифаќање на уставното име на соседната земја, ги зацврстува или не позициите на Скопје во пресрет на претстојните преговори во прашањето за името?, прашува пратеникот Калафатис во писмениот допис до грчкото МНР, а со тоа целото прашање го носи во грчкиот Парламент.

Пратеникот на Нова демократија експресен одговор доби од Бутарис кој му објаснува дека општина Солун не води надворешна политика и поддржува сложено име за соседната земја.

Јанис Бутарис објаснува дека пред секоја посета во странство во рамки на иницијативата „Дипломатија на градовите“ , општината го известува министерот за надворешни работи.

-Општина Солун не води надворешна политика, во никој случај не го претставува Министерството за надворешни работи на таков вид средби, секако, ниту, добива инструкции или насоки. Општината е комплетно во идентична линија со надворешната политика на земјата и позицијата за сложено име во прашањето со името на ПЈРМ, позиција што е прифатена од мнозинството партии од опозицијата, вели Бутарис во писмената изјава.

Со соопштението на солунскиот градоначалник, веројатно се согласи и Никос Коѕијас, со оглед на тоа дека на неговиот твитер профил, го сподели линкот објавен од грчка новинарка со веста за изјавата на Бутарис.

Пратеникот на Нова демократија, користејќи ја фразата на солунскиот градоначалник, коментира дека изјавата на Бутарис го остава комплетно рамнодушен.

Откако при посетата на Скопје, во изјава за медиумите, солунскиот градоначалник го употреби нашето уставно име и наместо ПЈРМ или Скопје, рече Македонија, нешто што јавно го прави по втор пат, реагираа медиумите во Грција и пратеници на опозициската партија Нова демократија.

Како што во саботата објави МИА, солунскиот градоначалник, говорејќи за грчките новинари рече дека е целосно рамнодушен за реакциите во Грција, кои ги карактеризираше како „чудна врева“ и потенцираше дека тоа не им оди во прилог на напорите што се прават за подобрување на односите меѓу двете земји.