Попоски: Останувам посветен за единство во ВМРО-ДПМНЕ

Никола Попоски се огласи на социјалната мрежа Фесјбук, по вчерашните написи во медиумите дека поднесол оставки од партиските функции.

– Во однос на шпекулациите поврзани со партиските функции, би истакнал дека минатиот месец имам поднесено оставка САМО од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Оставката од ИК ја поднесов поради разликите во видувањата за изборните резултати, разликите околу начинот на носење долгорочни одлуки и чувството дека тие водат кон внатрепартиски поделби, кои воопшто не ни се потребни. Ценам дека задржување на единство и фокус на повисоки цели мора да биде над било чии лични амбиции. Член сум во неколку партиски републички комисии и тоа во комисиите за надворешни работи, за европски работи и за одбрана. Останувам посветен на задржување на единството меѓу членовите на ВМРО-ДПМНЕ и реализација на заедничките цели во интерес на Македонија и нејзините граѓани, пишува Попоски.

Тој беше министер за надворешни работи во периодот од 2011 година, а на изборите во 2016 година беше избран за пратеник во Собранието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.