Помирување на дело: Ангелов на гробот од ќерката на Зимбери

Додека во Собранието се одвива процес на вештачко помирување спакуван под превезот на амнестија, од кој политичарите повторно ќе имаат најголема корист, воените ветерани од 2001 година сакаа да покажат на терен како е вистински да се прости и да се побара прошка. Првпат по 17 години, генералот Стојанче Ангелов смогна сила и го посети кумановско-липковскиот регион, каде што водеше жестоки битки со припадници на т.н. ОНА. Домаќин му беше Абедин Зибери, командант на воената полиција на ОНА, кој во конфликтот ја загуби седумгодишната ќерка, како и голем број блиски роднини. Заедно го посетија вечниот дом на малата Валбона и оттаму испратија порака на мир и соживот.

Непријатели, па колеги во М-НАВ

„Свесни сме за злото што го носи војната и сакаме да помогнеме во нашата држава да има траен мир“, сталожено вели Ангелов додека ги сумира впечатоците од емотивната агенда, која неколкупати го остави без зборови и со грутка во срцето. Со Зимбери, се сеќава, се запознале пред 11 години при едно учество во телевизиска дебата. Подоцна, и при други медиумски настапи, добивале шанса да поразговараат. Најпрво на кратко, а потоа и подлабоко и подолго.

„Од пред неколку месеци, заедно почнавме да работиме во М-НАВ, па почнавме секојдневно да се гледаме. Така дојде до идеја да го посетам неговото семејство и целиот регион. Знаевме дека ќе бидеме напаѓани од двете страни, ама моравме нешто да преземеме“, коментира Ангелов за „Независен весник“.

Се потсетил на местото каде што тогашните непријатели со рачни ракетни фрлачи успеале да погодат два оклопни хермелина на полициските „тигри“. Прошетале по липковската брана чии вентили беа затворени со денови, па Куманово остана без вода среде лето.

„Да не беше автентичното толкување на Законот за амнестија со кој се прекинаа постапките за т.н. ‘хашки случаи’, а кое според мене не смееше да се случи, случајот со прекинот на водата денес ќе беше расветлен и ќе ја знаевме вистината“, вели Ангелов.

Со Зимбери ги имаат истите ставови како и пред 17 години. Едниот смета дека војната била непотребна, бидејќи и без неа Албанците би ги решиле своите проблеми, а другиот е уверен оти морале да се дигнат со оружје, затоа што нивните права биле згазени и биле обесправени. Првиот сè уште мисли оти станувало збор за војна за територии и оти тукашните Албанци имале поддршка од Косово, од каде што всушност и дошол поривот за воена пресметка, а вториот оти Бугари и Срби се бореле на страната на Македонците.

„Следната разлика во нашите сфаќања беше кој победи? Јас и понатаму останувам убеден дека ние бевме надмоќни во секој поглед, плус, врвно обучени, високо мотивирани и подготвени за одбрана на татковината, поради што без поголем проблем и жртви можевме да ја совладаме ОНА. Абедин, пак, сè уште смета дека тие, со нивната герилска тактика, пожртвуваност и храброст, никогаш немало да изгубат. Ми вели: ‘Вие доаѓате, војувате, некаде освојувате, оставате контролни пунктови и заминувате. Ние остануваме овде. Еве да претпоставиме дека ќе освоевте некое село. Или, ќе го ослободевте од нас, како што велевте вие. Сте се запрашале ли некогаш од кого сте го ослободиле селото во кое живееме ние? Ќе поставите контролни пунктови, ќе оставите полиција и војска, ќе останете година, две, можеби и три. На крај, вие ќе си заминете дома, ние ќе останеме овде. Бидејќи овде е нашиот дом. Бидејќи овде живееме ние. Оваа држава е наша исто колку што е и ваша. Бидејќи и ние, исто како и вие, живееме во неа’“, зборува Ангелов.

Молк пред вечниот дом на Валбона

Разговорите губат смисла кога пред вас ќе се појави гроб на седумгодишно девојче. Колатерална штета на нападите на македонските сили. Цивили скриени во подруми на две селски куќи, веднаш до позициите на ОНА. Генералот на македонската полиција се прашува можело ли да се избегне нејзината, како и смртта на уште десетина цивили, кои настрадаа во подрумот на смртта. Со здрвен поглед, размислува и молчи.

Зимбери се присетува дека во жарот на борбите, граната удрила во бетонскиот ѕид на подрумот во кој биле засолнати локалните цивили. Се слушнала силна експлозија. Втрчал внатре и го видел беспомошен 12-годишниот син. Мислел дека е мртов. Немало време за тага, затоа што морал да ги спасува повредените. Во еден миг, му кажале дека синот, сепак, е жив. Неговата ќерка била тешко повредена. Починала неколку дена подоцна.

„Откако ги извадиме ранетите, почнавме да ги собираме мртвите“, изустува Зимбери. Билансот е стравотен: десетина мртви и тоа сите со исто презиме, Зимбери.

Двајцата се согласуваат дека колку и да жалат мртвите ќе останат мртви. Да им се оддаде почит, но да се мисли и на иднината. А таа вели дека десетици илјади млади се иселени од државата, тешко се живее и во Слупчане и во Пехчево, во Куманово и во Битола. Не се формираат семејства, не се раѓаат потомци, државата изумира. Омразата, нетрпеливоста и држењето до своите етнички граници и барања нема да го направат животот полесен, а општеството побогато.

„Идејата да дојде кај мене дома и да побара прошка од фамилијата беше на Стојанче и јас ја прифатив. Што се однесува до целокупното помирување, тоа е еден исклучително долг процес, кој не зависи ниту од мене ниту од Ангелов. Се надеваме дека државата ќе пронајде механизми и модели како да се најде лек за поделеното општество. Ова што го направивме е само прв чекор, а останатите нека ги преземат одговорните во државата. Ние секако сме тука да помогнеме“, заклучува Зимбери во изјавата за нашиот медиум.

Двајцата ветерани ќе се обидат да мотивираат што е можно поголем број нивни соборци верувајќи дека нивната битка за мир ќе спречи макар едно насилство, тепачка во автобус или избодено дете.

За одговорните за 27 април да нема амнестија

Генералот Стојанче Ангелов, кој е претседател на „Достоинство“, вели дека прифатил дел од забелешките на јавноста и веќе не се залага за целосна амнестија за случувањата во Собранието од 27 април минатата година.

„Да, пред неколку месеци потсетив дека тие што убиваа и масакрираа македонски бранители подоцна беа амнестирани, па побарав да се отвори дебата за амнестија и за групата граѓани, кои понесени од вештачки создадената атмосфера од тогашната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ, влегоа во Собранието и предизвикаа сериозни инциденти. Сега повторувам дека амнестија треба да има за луѓето што, понесени од атмосферата, влегоа во парламентот и направија кривични дела, вклучително и за пратениците. Но амнестијата да не важи за оние што го организираа крвавиот упад“, ретерира Ангелов.

Во контекст на барањето и давањето прошка за настаните од 2001 година, генералот вели дека тоа не важи за злосторниците од двете страни, кои свесно, намерно и со план нанеле болка, повредиле, се изживувале или убиле недолжни цивили или тешко ранети војници и полицајци.

„За заседата кај село Вејце, за петте киднапирани и сурово измачувани мавровски работници, за 12 киднапирани и убиени Македонци од Тетовско, за суровото убиство на двајцата Македонци во мотелот ‘Бриони’ – прошка нема“, дециден е Ангелов.

Горан Адамовски