Полиција ќе ги чува клиниките?

Роднина на пациент, кој починал вчера рано изутрината, физички и вербално нападнал медицинска сестра на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ). Инцидентот се случил пред да и почне смената, на влезот на Одделот за интензивно лекување, каде што и работи и била дежурна кога нивниот близок бил сместен на интензивната нега. Напаѓачите ја пречекале сестрата и почнале да ја удираат и навредуваат, си заминале, ама и се заканиле дека ова нема тука да заврши. Настанот остро го осудија и министерот за здравство Венко Филипче и раководителката на КАРИЛ, Маја Мојсова.

Во билтенот на Министерството за внатрешни работи стои дека нападот го извршл женско лице и дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.

„Медицинската сестра не се здобила со тешки телесни повреди, ама таа сега ќе оди на боледување и на психијатриска проценка, за да можеме да ѝ помогнеме во  да се соочи со ваквата ситуација. Таа била буквално изненадена од нападот. Многу е вознемирена, како и целиот персонал. Денес се работи во тешки услови. Во суштина многу често се случуваат вакви работи. На Ургентен и на КАРИЛ сме на удар од роднините на пациентите. Сите пациенти што доаѓаат кај нас се најтешко болни. Најостро го осудувам овој акт, кој е осуден и од целиот персонал на КАРИЛ. Сакаме поголема заштита! Апелираме до граѓаните да не остават да ја работиме нашата професионална работа. Никој не може добро да работи кога има ваков мобинг ниту, пак, закани по живот и семејство“, рече Мојсова.

Насилство врз здравствените работници не е ниту начин на комуникација ниту начин на решавање на проблемите бидејќи тие деноноќно се борат за животите на најтешките пациенти, подвлече Филипче. Додаде дека ја разбира болката на семејството, меѓутоа насилството, како што рече, не е начин за решение на каков било проблем.

„Со министерот за внатрешни работи имав телефонски разговор и во текот на денот или утре ќе ги разгледаме сите алтернативи што ни се на располагање за да ја зголемиме безбедноста тука во кампусот и на критичните места на клиниките, пред сè мислам на Ургентниот центар и таму каде што во текот на ноќните часови има најголема фреквенција на пациенти. Не може да се забрани посета. Сметам дека најсоодветно е тоа да бидат припадници на МВР и во таа насока ќе биде дискусијата“, истакна Филипче.

Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ изминативе години како да стана место за пресметки. Медицинската сестра физички беше нападната и на Клиниката за гинекологија и акушерство од роднина на родилка, а хирург пак од Одделот на дигестивна хирургија беше ранет со огнено оружје. По инцидентот дел од лекарите на Клиничкиот центар излегоа на протест и соопштија дека се додека не се преземат мерки нема да прават операции. Инцидентот беше осуден и од лекарската комора и министерството за здравство

(В.М.Л.)