Полицијата мораше да знае каде е Груевски

Основното јавно обвинителство се вклучи во истрагата следејќи ги информациите во јавноста и во интерес на јавноста оформиле предмет по допрен глас. Се сомневаат дека одредени службени лица, злоупотребувајќи ја својата положба и овластување, му овозможиле на правосилно осуденото лице да ја напушти земјава. Во рамки на предистражната постапка, наредени се низа мерки за прибирање докази.

И во Министерството за внатрешни работи велат дека работат на утврдување на начинот на кој Груевски побегна од државата. Одделот за внатрешна контрола спроведува постапка за можна инволвираност на полициски службеници, кои му помогнале во бегството, а се истражува и дали имал помош однадвор.

„По завршувањето на овие две постапки, МВР ќе излезе во јавноста со целосна слика како се организирало бегството на Груевски“, рече владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

„Момци, се гледаме утре во 9 часот“

Додека надлежните институции допрва ќе истражуваат како екслидерот на ВМРО-ДПМНЕ ѝ плукна во лице на правната држава, безбедносни експерти директно го вперуваат прстот кон МВР и министерот Оливер Спасовски. Тие наоѓаат еден куп маани и апсурдности во работењето на полицијата, односно во самиот процес на обезбедувањето на Груевски.

„Оставете ги тие приказни за судот, Специјалното обвинителство, овие или оние. Единствената вина за бегството на поранешниот премиер е во МВР. Кога судот ќе донесе мерка за претпазливост, односно земање пасош, единствената институција задолжена да внимава тој да не ја напушти државата е Министерството за внатрешни работи. Службите треба да направат план врз основа на индициите и сознанијата со кои располагаат, да го следат и да внимаваат да не им побегне од очи, особено што стануваше извесно неговото заминување во затвор. Дури и ако зборуваме за диви премини, и во овој случај границите ги чува граничната полиција. Во ред, не може физички да се обезбедува целата граница, но непоимливо е службите да не добиле информација дека Груевски подготвува бегство. Ако е така – тогаш имаме голем безбедносен проблем, значи дека системот не функционира“, вели нашиот соговорник, кој инсистира на анонимност поради чувствителноста на случајот.

МВР имаше шестмина свои вработени што му беа лично обезбедување на Груевски. Според законот, тој го одбира тимот, главно со луѓе што му се од најголема доверба. Тие не му беа 24-часовна заштита, туку го обезбедуваа кога имаше потреба, односно кога ги извршуваше редовните обврски или по повик. Кобната вечер на 8 ноември, околу 23 часот, го оставиле дома, а тој им рекол: ‘Момци, се гледаме утре наутро во 9 часот’. ‘Момците’ дошле, но него го немало. Чекале да им се јави кога ќе му затребаат. Груевски се јави во вторникот, на 13 ноември, ама од главниот град на Унгарија.

„Нивната задача е да прават белешки за безбедноста на Груевски, да јават доколку имаат сознанија за можни напади, атентати или други опасности за животот на експремиерот. Всушност, тоа е обврска на сите вработени во МВР. Конкретно, кога зборуваме за оваа шесторка, тие во Министерството доаѓаа само за да стават гориво во возилото, за сервис или перење. Тие беа третирани како луѓе на Груевски и никој не бараше ништо од нив, иако земаа плата од МВР. Проблемот е во другите служби на Министерството. Тие требаше во секој момент да знаат каде е Груевски, па и да дознаат што планира да направи“, посочува нашиот соговорник.

Стоилковиќ: Ова е шлаканица

Во меѓувреме, не стивнуваат шпекулациите околу рутата преку која побегнал Груевски. Медиумите блиски на одредени власти во земјава и во регионот спинуваат погрешни, па и смешни информации, со цел нивните ментори да не понесат одговорност или да не бидат поврзани како помагачи на Груевски. Во тој контекст, се лажни вести дека поседувал и побегнал со бугарски пасош, па дека преку Албанија летнал со авион на компанијата „Малев“, која, патем, е згасната со години, дека поминал граница маскиран со шапка и очила за сонце и слични глупости. Во домашната јавност, пак,  пратеникот Иван Стоилковиќ и лидерот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски се споменуваа како јатаци на Груевски, но двајцата ги отфрлаат ваквите невистини.

„Станува збор за една од најголемите шлаканици од осамостојувањето на Македонија на внатрешен и на надворешен план. Можете да спинувате колку што сакате, ама самиот факт што Груевски ќе добие азил во држава на Европската Унија ја фрла земјава на дното од скалилото на државите што ги почитуваат човековите права“, вели Стоилковиќ за „Независен“.

Самата Унгарија е дно во ЕУ во однос на владеењето на правото и во тек е процедура да се одземат гласачките права.

Јакимовски: Има индикации за договор

Претседателот на ГРОМ оценува дека со бегството на Груевски сите сме поразени: и власта и опозицијата, целото правосудство и самиот тој.

„Но најголеми виновници се оние што му ги создадоа претпоставките за бегството. Кршењето на човековите права, кршење на процесно право, судење без адвокат, судење во енормно кратки рокови, судење за смешно кривично дело за набавка на ‘мерцедесот’, а не за корупција, инсистирањето да се затвори по секоја цена, погодувајќи го тајмингот кога се расправа за уставните амандмани – го направија овој случај класичен политички и монтиран. Жал ми е што Републичкиот судски совет не го сфати сериозно обвинувањето на Груевски дека врз Апелација се врши притисок да се донесе осудителна пресуда. Длабоко сум убеден дека овој случај ќе прави дополнителни штети во Советот на Европа. Знаејќи ја задртоста на Виктор Орбан, моја претпоставка е дека нема да зборуваме за обичен случај на барање азил, туку ќе се отворат многу прашања што тоа се случува во Македонија. Сето тоа ќе оди на штета на сите граѓани благодарејќи на ‘Кацарска судството’, кое го замени ‘Сваровски судството’. Во моментов, имаме судство што се карактеризира со својата бруталност, непринципиелност, одмаздољубивост и непочитување на законските прописи и пресумпцијата на невиност“, посочува Јакимовски во изјава за нашиот весник.

Тој апелира да не бидеме наивни околу целиот случај и можниот договор од власта и од опозицијата, затоа што многу индикативно е зошто осумте пребегани пратеници од коалицијата ‘За подобра Македонија’, сега не гласаа идентично како оние од власта за одземање на пратеничкиот мандат на Груевски, како што беше случај со уставните измени.

„Да не се лажеме, ако наредбата од Заев беше да му се одземе мандатот – ќе му се одземеше. Тоа, според мене, значи дека имало некаков договор. Исто така, симптоматично ми е што министерот Спасовски се правдаше дека немал судска наредба да го следи Груевски, а само шест часа подоцна на Миле Јанакиевски и на Кире Божиновски им беше одреден притвор, и тоа со образложение оти УБК имале сознанија дека и тие се подготвуваат за бегство. Па чекајте, нели немале дозвола за следење?“, прашува Јакимовски.

Во морето од непроверени информации, сигурно е само дека членовите на најблиското семејство на Никола Груевски се во Македонија. Неговата сопруга Боркица редовно ги извршува обврските на своето работно место во Комисијата за хартии од вредност, додека двете нивни ќерки ја посетуваат и натаму наставата во едно основно скопско училиште.

Горан Адамовски