Политичкиот врв не се обедини ниту под јарболот на НАТО

Ниту силниот ветер што вчера го исчисти воздухот во Скопје не ја помати свечената атмосфера пред владината зграда за време на церемонијата на кревање на знамето на НАТО, на која присуствуваа речиси сите актуелни и многумина поранешни политичари кои, низ годините помалку или повеќе, придонесуваа за процесот на евроатлантското интегрирање на земјата. Но настанот ќе беше посвечен доколку се испратеше порака на обединување околу стратегиските приоритети за државата, независно од разидувањата меѓу дел од некогашните и сегашните главни актери во политичката арена. Сепак, таа можност ја пропуштија претходниот претседател на државата Бранко Црвенковски, поранешен премиер и лидер на СДСМ во неколку мандати, како и актуелниот шеф на државата Ѓорге Иванов – единствен досега со два мандати на функцијата.
Свечената церемонија на подигање на знамето на НАТО на јарболот пред зградата на македонската Влада, очигледно, не беше провокација Црвенковски да излезе од политичкото „монаштво“ што го практикува во последните неколку години. Од неговиот кабинет велат дека, по добивањето на поканата, одговориле дека Црвенковски нема да присуствува на настанот. Поранешниот претседател, како што велат од неговиот кабинет, не присуствувал на церемонијата на кревање на знамето на НАТО согласно неговиот одамна изграден став – да не се појавува на јавни настани.
Премиерот Зоран Заев, во својот вчерашен говор, сепак, му оддаде признание на неговиот претходник од СДСМ за придонес за процесот на зачленување во НАТО додека ги извршуваше највисоките државни функции. Најнагласено признание Заев, сепак, им оддаде на првите двајца претседатели на Македонија – Киро Глигоров и Борис Трајковски, а потоа и на медијаторот во спорот за името Метју Нимиц, на грчкиот премиер и на доскорешниот шеф на грчката дипломатија – Алексис Ципрас и Никос Коѕијас… како и на пратениците од сите досегашни состави, а посебно на актуелниот состав, кој го ратификува Преспанскиот договор и, под тешки политички околности, ги изгласа уставните амандмани.
-Успеавме од споредниот балкански колосек, на кој чекавме со децении, да се вративме на главниот автопат кон Европа. Во периодот што следува ќе бидеме директни учесници во најзначајниот период од осамостојувањето на државата во кој сами ќе одлучуваме за нашата иднина – истакна Заев.
Во своето обраќање, премиерот не го спомна воопшто актуелниот претседател на државата, кој во изминатиот период силно се спротивставуваше на Преспанскиот договор, па и го „бојкотираше“ референдумот во септември. Ниту, пак, Иванов се појави на свечената церемонија, на која присуствуваа тројца поранешни премиери – Љубчо Георгиевски, Хари Костов и Владо Бучковски, додека Никола Груевски од „објективни“ причини не се ни очекуваше. Од претседателскиот кабинет тврдат дека поканата од Владата до Иванов стигнала доцна, откако завршил настанот. Наспроти тоа, од Владата велат дека сите покани биле испраќани во претходните неколку дена, почнувајќи од петокот, па до завчера – во понеделникот. Освен тоа, од службите во Владата се јавувале кај поканетите за да добијат повратен одговор дали ќе присуствуваат на настанот за да знаат колку столичиња треба да се постават.
Во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, пак, владиниот курир заѕвонил навреме, и покрај тоа што опозицијата во изминатите месеци беше на иста линија со шефот на државата во однос на негацијата на Преспанскиот договор и бојкотот на обврските што произлегуваа од него. Од ВМРО-ДПМНЕ ни потврдија дека партискиот лидер Христијан Мицкоски добил покана, но не можел да присуствува на церемонијата „поради неодложни работни обврски“. Сепак, најголемо изненадување беше отсуството на лидерот на владејачката ДУИ, Али Ахмети, кој членството на Македонија во НАТО го постави на врвот на агендата на неговата партија, па дури и најавуваше дека ќе се повлече од лидерската позиција откако земјава ќе влезе во Алијансата. Од ДУИ велат дека поканите за церемонијата ги добиле вчеравечер во Собранието, така што, поради кусото време за организација, не било возможно Ахмети да ги откаже и одложи сите претходно закажани обврски.
– Секако дека не станува збор за бојкот, нема никаква заднина. Нашиот претседател е еден од најзаслужните за членството на Македонија во НАТО“, потенцираат од ДУИ за „Независен весник“.
Заев, пак, вчера порача дека битките за власт не треба да бидат пречка за целите на Македонија и побара мораториум на кавгите.
– Можеме и треба да се натпреваруваме и критикуваме за нашите идеи кои треба да водат кон истата цел. Но не смееме да дозволиме битките за власт да ги попречуваат и одлагаат нашите цели. Денеска го креваме знамето на НАТО, кое заедно со европското и со нашето, ја одредува иднината, не само нашата туку и на нашите поколенија. Тоа не е само симболика туку реалност. Тоа е нова страница во нашата историја – рече Заев. Оцени дека државата е на вистински пат кон прогрес и непречен развој и додаде дека иднината веќе не ни е судбина, туку судбината ја земаме во свои раце.

Церемонијата ги здружи можните претседателски кандидати

 

Вчерашниот настан, сепак, ги обедини претендентите од СДСМ за претседателската кандидатура. Во една од првите редици седеа заедно шефот на дипломатијата Никола Димитров, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски. Малку подоцна ним им се придружи и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која дојде на церемонијата заедно со премиерот Зоран Заев и со Зоран Јанковиќ – шефот на Канцеларијата на НАТО во земјава.
Јанковиќ му го предаде знамето на НАТО на Заев, по што тоа беше поставено на јарболот пред зградата на владата, на која до вчера доцна попладне сè уште не беше поставена новата табла со новото име на државата – Република Северна Македонија.
Александра М. Митевска