Позитивни реакции од меѓународната заедница и од Грција

Грчкиот премиер Алексис Ципрас му честиташе на неговиот македонски колега, Зоран Заев откако македонското Собрание вечерва со 80 гласови „за“ ја донесе одлуката за пристапување кон измена на Уставот заради имплементација на Договорот од Преспа.

– Честитки до мојот пријател Зоран Заев. Вечерашното гласање е голем чекор кон заедничкиот успех, мошне важен чекор за мирна и просперитетна иднина на нашите народи, напиша грчкиот премиер на својот налог на Твитер.

Голем ден за демократијата во Скопје. Им честитам на сите кои одлучија  да чекорат на патот кон ЕУ, напиша на Твитер еврокомесарот за проширување Јоханес Хан по одлуката на македонското Собрание да се пристапи кон  промена на Уставот во согласност со Договорот од Преспа.

– Очекувам целосно да се почитува слободниот избор на сите  пратеници, особено на оние кои вечерва поминаа низ преминот. Потребно ни е државништво, а не партиски игри, наведува Хан во пораката на Твитер.

Потоа високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување и соседска политија Јиханес Хан преку заедничка изјава ја поздравија двотретинската одлука на македонското Собрание за пристапување кон измена на Уставот согласно Договорот од Преспа..

– Парламентот на поранешната југословенска Република Македонија направи многу важен чекор кон спроведувањето на Преспанскиот договор преку гласањето за започнување на процедурата за уставни измени. Сега очекуваме националните процедури за спроведување на договорот да продолжат без одложувања, кон усвојување на уставните измени.

Европската унија силно го поддржува историскиот договор потпишан од премиерите Заев и Ципрас во јуни. Потребна е политичка храброст, водство и одговорност за решавање на еден од најстарите спорови во регионот. Оваа одлука беше потврдена со гласањето во Парламентот.

Ова е навистина единствена можност за решително поместување на земјата напред на патот кон Европската унија, како и за помирување во регионот. Европската Унија ќе продолжи да ја поддржува и да ја придружува земјата, сите нејзини граѓани и нејзините институции, наведуваат во заедишката пишана изјава Могерини и Хан.

Генералниот секератар на НАТО Јенс Столтенберг вечерва на Твитер ја поздрави одлуката на македонското Собрание да се пристапи кон измена на Уставот согласно Договорот од Преспа.

– Го поздравувам гласањето на Парламентот во Скопје за предложените уставни измени. На владините и политичките лидери е да ги завршат националните процедури за спогодбата за името и да ја искористат оваа историска можност да ја доведат земјата во НАТО, пишува Столтенберг.