Повисоки плати во здравството, образованието и одбраната за 2019

Пари за повисоки плати во здравството, образованието и одбраната, повеќе пари за реформите во социјалната и детската заштита и пензискиот систем, како и средства за воведување „зелена нафта“ во земјоделството, се предвидени во Предлог-буџетот за 2019 година што денеска го презентираше Министерството за финансии пред коморите, синдикатите, невладиниот сектор и медиумите.

Со Предлог-буџетот, којшто втора година по ред јавно се презентира пред засегнатите страни, предвидени се повисоки плати за 10 проценти за лекарите специјалисти од јануари следната година и уште 5 проценти во септември за сите лекари. Зголемување на платите за пет проценти од септември догодина предвидени се и за просветните работници. Пет проценти повисока септемвриска плата се очекува да земат и вработените во администрацијата, но во Предлог-буџетот за 2019 година не се предвидени пари за исплата на К-15 во јавниот сектор.

Вкупните приходи во државната каса за 2019 година се проектирани на 210,8 милијарди денари, а вкупните расходи на 228,5 милијарди денари. Растот на БДП е проектиран на 3,2 проценти, а стапката на инфлација на 2 проценти. Буџетскиот дефицит е проектиран на 2,5 проценти или 17,7 милијарди денари што е за 500 милиони денари помалку во однос на годинава.

– Обезбедуваме умерена и постепена фискална консолидација. Ако пред две години буџетскиот дефицит изнесуваше три проценти од БДП, сега го намалуваме на 2,5 од БДП и сметаме дека тоа е сериозно намалување и исправен чекор. Не одиме кон радикално намалување, појасни Тевдовски, додавајќи дека дефицитот ќе се покрива од домашни и надворешни извори во зависност од пазарните услови.

Со постепената фискална консолидација, како што појасни Тевдовски, се подготвува земјата за она што не очекува во 2020 и 2021 година, односно исплата на доспеаните долгови направени од претходната власт.

Според проекциите на Министерството за финансии за плати и придонеси во јавната администрација предвидени се 28,3 милијарди денари, а за пензии 56,4 милијарди денари. Од Буџетот во Фондот за ПИОМ ќе се трансферираат 28,1 милијарди денари.

Дополнителни 2,2 милијарди денари се планирани за реформираниот систем за социјална и детска заштита, а се планира и воведување на социјална пензија за околу 6.000 лица кои имаат барем еден работен ден стаж и наполнети 65 години.

Капиталните инвестиции се проектирани на 25,7 милијарди денари, а министерот за финансии очекува дека следната година ќе се забрза реализацијата на овие проекти.

– Постојано Министерството за финансии прави притисок на сите институции коишто имаат вакви проекти да ги реализираат. Многупати тие се соочуваат со огромни проблеми како проектни документации и добро е што во моментов голем дел од таквите проблеми се решени кај големите проекти и очекуваме дека ќе забрза реализацијата на капиталните инвестиции, рече Тевдовски, одговарајќи на прашање каков ќе биде механизамот којшто ќе се примени за капиталните инвестиции да бидат целосно реализирани.

Од Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) предупредија дека доколку не се мотивираат вработените во образованието, државата ќе се соочи и со одлив на високообразовни кадри од областа на образованието.