Пендаровски: Македонија ќе стане членка на НАТО само со спроведување на уставните измени

Освен договорот со името нема ниту еден друг засебен проблем или група на проблеми што може да не попречи кон членството во НАТО што значи дека тоа зависи само од спроведувањето на Договорот од Преспа. Ако кон средината на јануари се финализираат уставните промени, во февруари најверојатно ќе потпишеме пристапен протокол со Алијансата по што нашето членство оди во ратификација во парламентите на сите 29 земји членки на НАТО.

Ова го истакна националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски на денешната дебата во Тетово што под наслов „Македонија во НАТО, предизвиците по добивањето на поканата” ја организираше секторот за одбрана и безбедност при Алијансата на Албанците.

-Македонија ги исполнила условите за влез во НАТО уште во 2008 година бидејќи во коминикето од НАТО од самитот на алијансата во Букурешт таа година се вели дека кандидатот ги исполни сите услови освен договорот околу името со Грција. Ние сме најдолговечниот кандидат, бидејќи 19 години имаме статус кандидат за НАТО како што е Турција за влез во ЕУ. Ние сме најдобро подготвениот кандидат во историја на Алијансата, бидејќи сме поминале 19 циклуси на годишна национална програма, изјави Пендаровски.

И за претседателот на Евроатлантскиот совет на Македонија и советник на премиерот за НАТО Исмет Рамадани нема дилеми дека Македонија дефинитивно ќе стане членка на Алијансата.

-Пристапните преговори веќе се завршени и сега се очекува да поминат уставните измени поврзани со договорот со Грција. Потоа тоа ќе оди во парламентите на земјите членки во НАТО согласно нивните динамики додека ние од почетокот на 2019 година ќе седнеме на иста маса со овие 29 земји, но нема да имеме право на глас до завршување на целата процедура. Така што најверојатно до крајот на 2019 треба да станеме и полноправна членка на НАТО. Сметам дека и деструктивните партии и структури на овој процес со текот на времето постепено ќе ја увидат реалноста дека членството во НАТО за нас е без алтернатива, рече Рамадани.