Пендаровски: Време е Македонија да се интегрира во НАТО

Сите политички фактори што се сега на власт мислат дека е дојдено времето да се реши прашањето за интегрирање на Македонија во НАТО, бидејќи го држиме неславниот рекорд како земја со најдолг стаж како кандидат за членство во Алијансата и веќе го почнавме 18. циклус на годишниот план за членство, порача националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски во интервју за МРТ.

Смета дека Македонија сигурно ќе ги реши политичките и економските проблем до следниот самит на НАТО што ќе се одржи во Брисел на 11 и 12 јули, а за прашањето за името вели дека од наша страна ќе направиме се, но не може да гарантираме што ќе се случи на другата страна.

Очекува и новата опозиција како и Владата да има разбирање за, како што вели, најкрупното прашање и да има визија каква Македонија сакаме во следните 15 до 20 години и порачува дека доколку има разумен предлог народот ќе треба да се изјасни на референдум. За решението за името вели дека има многу финеси и можни долгорочни косеквенци и затоа не може да се реши за пет минути, туку треба да се обмисли и да се направи севкупен аранжман.

Смета дека не може да се најде решение за време на одржувањето на самитот или да се оди под привремената референца ФИРОМ и додава дека тоа беше одбиено во 2008 година во Букурешт и на секој следен самит бидејќи Грција инсистира на конечно решавање на името.

Како едно од алтернативните решенија кое може дури и Македонија да го предложи го посочува словенечко-хрватскиот модел на решавањето на проблемот со временска одредница по приемот, но тоа, според него, зависи од САД и од преговарачите во Скопје и во Атина.