Патријархот Неофит до Радев: Ќе бараме позитивно решение со МПЦ

Софија – Бугарија и Бугарската православна црква се единствени во желбата за развој и продлабочување на односите меѓу Бугарија и Македонија, констатираа денеска бугарскиот претседател Румен Радев и бугарскиот патријарх Неофит. Патријархот го уверил Радев во добрата волја на Бугарската патријаршија да се бараат патишта за успешно решавање на ова прашање.

За ова ќе се дискутира на состанок на Светиот синод на БПЦ, а темата за автокефалноста на МПЦ ќе биде разгледана и со останатите помесни православни цркви, информирал патријарх Неофит.

Патријархот Неофит го запознал Радев со писмото на Македонската православна црква, кое беше испратено до Канцеларијата на Светиот синод на бугарската црква за евхаристичкото единство на БПЦ со МПЦ.

За време на средбата била истакната важноста на потпишаниот билатерален Договор за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји, кој ја зајакнува меѓусебната доверба, го поттикнува развојот на билатералните односи и претставува позитивен чекор во процесот на европска интеграција на Македонија.