Патриотите и предавниците најгласни на Фејсбук

Од најголемо предавство во поновата македонска историја, до најхрабар чекор што го направил досега некој политичар во Македонија. Со вакви коментари, но и пцости и клетви на социјалните мрежи, граѓаните го проследија потпишувањето на договорот за решавањето на името. Премиерот Зоран Заев за некого е предавник, за некого е херој, но останува фактот дека ова сепак е историски ден за целата земја.

„Ова е најголемото предавство во поновата македонска историја. Подобро да останевме со привремената референца ФИРОМ, така барем дома ќе можевме да се нарекуваме Македонија. Кога ќе спласне еуфоријата, тогаш ќе сфатат сите што направија. Треба да протестираме додека не го повлечат договорот“, пишува еден од граѓаните.

„Ја продадовте вековната историја“, „Македонија ќе ја снема од картата“, пишуваат дел од граѓаните на социјалните мрежи.
Други, пак, го воздигаат премиерот: „Конечно силно светнал ден, да живее премиерот Заев“, „Да живее Заев сто години и да добие Нобелова награда за мир“.

На дел од граѓаните не им е сеедно што државата ќе го смени името, но се надеваат дека овој договор значи перспектива за земјата. „Со надеж дека овој договор навистина ќе нѐ внесе во европското семејство и во НАТО, дека ќе ни донесе перспективни закони и комплетно реформирање на системот – честитам“, се вели во еден од коментарите.

Професорот по социологија Ѓорѓи Тоновски потпишувањето на договорот го доживува како вистински историски настан по прогласувањето на независноста на Македонија. „Мислам дека со ова Македонија и македонскиот народ најпосле во својата историја добија држава која е официјално призната и реалност на светскиот простор“, вели Тоновски.

Психолозите и социолозите сметаат дека Македонците брзо ќе ја сменат свеста и ќе ја прифатат промената и новата ситуација.

„Моето мислење е дека треба да одиме по современите текови, таму каде што сме тргнале и мислам дека со развивање на свеста за придобивките и за предизвиците што ќе следат, граѓаните полека ќе ги сфаќаат тие придобивки и ќе се навикнуваат на сето она што го носи оваа промена. Со тек на време тоа ќе се менува и мислам дека тоа е своевидна еволуција, социјална и психолошка, како луѓето ќе го учат она што следува, така ќе имаат и помалку предрасуди кон непознатото. Значи, треба малку време да се развие свеста“, вели психологот Мирослав Пендаровски.

Тоновски порачува дека Македонците ќе мораат да почнат да се менуваат, да ја надминат исклучивоста, да се прокламираат како патриоти, односно да почнат да размислуваат европски.

„Нашата перспектива не е Отоманската Империја, не може да гледаме назад и да бидеме во некаков романтичарски занес во однос на решавањето на националното, македонското, туку нашата перспектива, сакале или не, е напред кон она што се случува во Европската Унија. Ние понатаму ќе бидеме членови на европската голема заедница на народи каде што има 500 милиони луѓе и каде што има безброј етникуми, народи“ вели Тоновски.

Тој очекува за многу кратко време да се намали бројот на оние што себеси се претставуваат како патриоти и другите ги нарекуваат предавници.

„За многу брзо време оние што сѐ уште се чувствуваат како патриоти, затоа што сакаат да се колнат на камата и пиштолот, во смисла смрт или слобода, мислам дека ќе се повлечат од таа приказна и конечно ќе почнат современо да размислуваат. Мислам дека ќе сфатат дека сега не е моментот за расправа дали има патриоти или предавници, туку сега е моментот ние дефинитивно да се афирмираме во Европа како еден народ кој заслужува да биде наречен европски народ. Мислам дека ќе почнат рационално да размислуваат дека постои само една вистинска идеја, идејата на прогресот и идејата на иднината“, вели Тоновски.

Протестите што ги организира опозицијата за него се популизам и причината за тоа тој ја гледа во зависта и љубомората зошто токму Заев успеа да го направи тоа што можеби требаше да го направи минатата власт.

„Нема револт, има само една реалност. Реалноста е дека се потпиша договорот, се отвори вратата на Македонците да влезат во европското семејство“, вели Тоновски.

Тој предвидува дека референдумот што следува сигурно ќе биде успешен, а тензијата веќе од утре ќе почне да попушта.

Фросина Факова -Серафиновиќ