Пармаковска: Романот дава прекрасна можност да создадете цел еден свет

Меѓу 27 романи објавени во 2017 година  кои беа пријавени на 19-тиот конкурс за наградата „Роман на годината“ на фондацијата „Славко Јаневски“,  петчленото жири со мнозинство гласови го избра „Одбројување“ – третиот роман на младата писателка Фросина Пармаковска. Родена е во Скопје во 1985 година, дипломирала на Катедрата за Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет и магистрирала на Културолошките студии на Институтот за македонска литература.

По неколку објавени раскази, во 2013-та се појави нејзиниот прв роман „Пишувајќи ги изгубените топки“. Наредната 2014-та го објави „Вишнова хроника“ кој влезе во финале за „Роман на годината“ и веќе е преведен на бугарски и на украински јазик. Претставничка е на новиот бран помлади македонски писатели и минатиот месец стана член на Друштвото на писателите на Македонија.

Пармаковска зборува зошто го избира романот како форма на творечко изразување, за „одбројувањето“ пред да се донесат важни одлуки, за себе како писател, но и како читател…

Претходниот роман е читан и преведен, новиот доби награда. Ве определува ли нивната успешност да бидете и натаму автор на проза или би твореле и поезија или драма?

– Прозата, поконкретно романот, е почвата на која најсигурно, но и најубаво се чувствувам. Романот, благодарение на неговите технички спецификации, ја дава прекрасната можност да создадете цел еден свет, една богата и полна стварност со комплетно дефинирани ликови кои дејствуваат и прават избори, грешни или исправни. Романот овозможува, создавајќи го тој свет, да ги направите нештата подобри, но и да се испрати порака на читателот и доколку таа повлијае барем на мал дел читатели, па и на еден читател, и тој подобар свет од страниците на романот успеал да изврши трансфер во нашето секојдневие афирмирајќи вредности кон кои сите треба да целиме, секој писател може да биде задоволен.

Главниот женски лик во наградениот роман се охрабри за две лични одлуки (за втората помогна една околност). Колку треба да се „одбројува“ за да се донесе одлука која знаеме дека е правилна, но нè спречуваат други чувства или обѕири?

– Некогаш се одбројува предолго, некогаш – прекратко, понекогаш не се одбројува воопшто, туку се дејствува без никакво размислување. Главниот лик во „Одбројување“, типично согласно со женската природа, одлуките честопати ги носи интуитивно или, пак, воден од бурата од чувства што, буквално, во еден момент го преплавува.

Последната одлука, т.е. нејзиното преиначување, ја носи употребувајќи го разумот и своето длабоко искуство видено ретроспективно и со мала среќна игра на околностите, тоа излегува поволно по нејзината иднина. Параноичниот лик „мојот маж“ е безимен, веројатно како прототип за сите „болни“ од недоверба. Како ќе одговорите на реторичкото прашање на жената во книгата: „Има ли љубовта разбирање за човек што е во заблуда?“

– Љубовта треба да има разбирање кон човек што е во заблуда доколку таа произлегува од болест на душата. Тоа, претпоставувам, е мошне тешко, но тешкотиите ни се дадени за да ги совладуваме, а не да заминеме. Човечки е да се помогне некому кој е во таква заблуда, без разлика дали се работи за љубов, пријателство, семејство.

За магистерската теза го избравте магичниот реализам – дали е тоа и литературниот правец што најмногу влијае врз Вашиот книжевен вкус, но и во оформувањето како писател?

– Магичниот реализам е битен дел од мојот книжевен живот и како таков, секако дека влијае на мојот вкус – има многу магично-реалистични романи кои, навистина, ми оставиле силен впечаток и негувам со нив некоја доживотна врска. За жал, во моите романи „Вишнова хроника“ и „Одбројување“, но и општо, во современата македонска проза, магичниот реализам речиси и да не е застапен.

Велам „за жал“ затоа што актуелната стварност која ја живееме е особено податлива за еден магично-реалистичен пристап и би било прекрасно доколку се исползуваат неговите придобивки, како што е критичката димензија, употребата на магичното како оружје против цензурата, искажувањето на незадоволството од актуелните состојби на нетипични начини итн.

Кои три наслови како читател би ги вброила во списокот задолжителна литература и зошто?

– „Браќа Карамазови“ од Достоевски затоа што умее да шокира, да направи од читателот подобар човек, просто, да му ги промени животните погледи и да му го реконструира целиот вредносен систем. „Волшебникот“ од Џон Фаулс заради комплексноста на прикажаниот свет, заради тенката линија помеѓу реалното имагинарното и мајсторската умешност на писателот да нè спроведува те ваму те таму, поттикнувајќи нè постојано да се сомневаме во поимите и покажувајќи ни колку, всушност, вистината претставува субјективна категорија.

„Снег“ од Орхан Памук, затоа што лесно ќе препознаеме многу параметри врз кои се потпира и нашето секојдневие каде што политичките превирања можат да имаат фатални последици и врз општеството генерално, но и врз животот или смртта на поединецот и, повторно, вистината е заробена категорија, главно, од центрите на моќ или, пак, од оние субјекти кои сакаат нив да ги разобличат. Таа е, буквално, како снегот, додека сте ја допреле, таа се стопила и останало само сеќавањето за неа, па на крај ќе се запрашаме колку било вистина ако така лесно исчезнува или колку било љубов ако е така брзо минлива?

Нека бидат во овој момент овие три книги, иако, да се направи толку мал избор е навистина тешко, исто како што е тешко да се направи избор од само три автори или, пак, три различни периоди од историјата на светската книжевност.