Парламентот на штрек за договорот од Клубот на пратеници

Не е исклучено уште вечерва парламентот да се собере на нова седница за да ги донесе законите што произлегуваат од договорот што предмалку го постигнаа лидерите на четирите најголеми партии во Клубот на пратеници.

Според информациите, наскоро координаторите на пратеничките групи, кои се во постојана комуникација со лидерите на нивните партии, треба да се соберат на координација кај спикерот Талат Џафери за да се договорат дали новата собраниска седница да се одржи денеска или најдоцна утре. Паралелно треба да заседаваат и матичните комисии, односно Комисијата за избори и именувања која треба да одбере седум кандидати за членови и за претседател и заменик-претседател на ДИК и веројатно Комисијата за политички систем и Законодавно-правната комисија низ кои би поминале законите за финансирање на политички партии и за влада.

Исто така, се очекува владата, како предлагач, веднаш да ги повлече од процедура измените на Изборниот законик, со кои се планираше да се намали мнозинството за избор на членовите на ДИК на минимум 61 глас. Со постигнатиот договор во Клубот на пратеници, останува досегашното двотретинско мнозинство.