Парите за малигни заболувања пренаменети за ретки болести

Речиси 80.000 евра од програмата за рана детекција на малигни заболувања се пренаменуваат со ребалансот на буџетот за оваа година, додека за едукација на лекари и медицински персонал се пренаменуваат околу 60 илјади евра. Ребалансот на буџетот е во собраниска процедура, а од Министерството за здравство велат дека активностите што се преземаат се во насока на рационално користење на секој денар од здравствениот буџет. И покрај кратењето, според нив, едукацијата на здравствените работници ќе продолжи при што дел од трошоците ќе ги преземат здравствените установи, што е нивна обврска поради законските измени. Дел од парите наменети за програмата за малигни заболувања се префрлаат во програмата за ретки болести, програма во која има недостиг на средства за исплата.

„Со законските измени, спроведувањето на едукацијата на здравствените работници е обврска на самата здравствена установа, па поради тоа средствата предвидени за патни и дневни трошоци се пренаменуваат за намирување на обврски во другите програми на Министерството за здравство. Едукацијата на лекарите продолжува, а дел од трошоците ги преземаат самите здравствени установи.

Во врска со програмата за малигни заболувања, исплатата се врши исклучиво по доставени фактури од јавните и приватните здравствени установи за реализирани активности предвидени со неа. Заради помалиот процент на реализација се врши пренамена и префрлување на средства во другите програми на Министерството за здравство каде што фалат средства за исплата на веќе реализирани активности, односно во програмата за ретки болести“, велат од Министерството за здравство.

Вероника Мароска-Леова