Судењето за Сеад Кочан во завршница, ќе му се суди во ферија

Судењето за случајот што го отвори специјалното јавно обвинителство под името „Труст“, во кој му се суди на бизнисменот Сеад Кочан, влегува во завршна фаза. И покрај судската ферија, денеска и утре судијката Лидија Трајковска-Зимовска закажа рочишта на кои обвинетите и нивната одбрана ќе ги кажат своите завршни зборови откако специјалното јавно обвинителство го измени обвинението.

Обвинителот побара судот на фирмите кои го наместиле тендерот за ископ на јаловина во РЕК „Битола“, „Трансмет“ и „Силекс неметали“, да им конфискува 17 милиони евра, сума што им била исплатена од државниот буџет.

Според податоците на Обвинителството, фирмата „Трансмет“, чиј управител е Кочан, има имот што може да се конфискува, додека фирмата „Силекс неметали“, чиј управител е обвинетиот Василие Авировиќ, нема имот. Нивната алтернатива е конфискацијата да биде насочена кон фирмата основач.
Освен барањето за конфискација на имотот, специјалното јавно обвинителство одлучи третообвинетиот во овој случај, Сафет Васиќ, да го гони за помагање и го повлече обвинението за неговата фирма „Вато“ од село Батинци.

Откако обвинетите ќе ги кажат своите завршни зборови, судијката треба да ја соопшти пресудата, која можно е да биде донесена и за време на судската ферија. Но, сепак, судијката ќе го има последниот збор кога ќе ја донесе пресудата и дали обвинетите ќе ги прогласи за виновни, како што бара специјалното јавно обвинителство.

Бизнисменот и поранешен сопственик на телевизијата „Нова“ и неговата фирма „Трансмет“ и Василие Авировиќ заедно со фирмата „Силекс неметали“ се обвинети дека со фалсификувана документација успеале да добијат тендер од Елем за ископ на јаглен и со тоа „ископале“ над 17 милиони евра, пари на граѓаните. Бизнисменот Сеад Кочан даде гаранција од околу 900.000 евра и за време на судскиот процес се брани од слобода.

Кочан избега од земјава кога му беше одреден притвор, а поранешниот обвинител Марко Зврлевски пред да биде сменет до Врховниот суд поднесе барање за заштита на законитоста со образложение дека со решенијата на Кривичниот и Апелацискиот суд да му биде одреден притвор на Кочан се сторени повреди на законот.

Врховниот суд го прифати барањето за заштита на законитоста и утврди дека решенијата со кои му бил одреден притвор на Сеад Кочан биле незаконски.

Сеад Кочан не заврши во притвор, но сметката на неговата фирма беше блокирана, а вработените од телевизијата си заминаа бидејќи не добиваа плата. Телевизијата сè уште емитува стара програма во етерот, но Кочан и покрај неколкуте обиди не успеа да ја продаде.

Како докази во овој случај беа презентирани десетина досега необјавени прислушувани разговори. Во нив се слуша како поранешниот директор на ЕЛЕМ, Влатко Чинговски, и генералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски, се договараат да им излезат во пресрет на бизнисмените Сеад Кочан и Горан Иванов-Ѕинго за да го добијат тендерот на ЕЛЕМ.

Овој случај, иако не е притворски, бидејќи е при крај, за него се закажани рочишта за време на феријата, која почнува од денеска и ќе трае до 15 август. Сепак, од Кривичниот суд информираат дека во судот секогаш има дежурен судија на претходна постапка и дежурен кривичен совет, а работат и останатите служби за издавање уверенија.

Освен судиите ќе одморат и поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ, кои цела година речиси секој ден се во судот.  Веднаш по завршувањето на одморите, судиите ги чека многу работа. На 16 август поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, по породилното отсуство, треба да се појави на судењето за изборните измами „Титаник“. Овој предмет е еден од најобемните и во него е обвинето целото поранешно раководство на ВМРО-ДПМНЕ на чело со поранешниот премиер Никола Груевски.

Неизвесно е дали Министерството за правда ќе успее да издејствува екстрадиција за поранешните разузнавачи Горан Грујевски и Никола Бошкоски по судската ферија. За нив веќе почнаа судските процеси во кои се обвинети за масовното прислушување и речиси во сите случаи им се суди во отсуство.
Крајот на судската ферија ќе ја чекаат и родителите на убиените момчиња и рибарот кај Смилковското Езеро. Судијата Огнен Ставрев закажа рочиште за овој случај на 22 август, кога јавноста треба да го слушне исказот на заштитениот сведок.

До одложување на рочиштето за овој случај дојде бидејќи вториот судија Осман Шабани се разболе, што предизвика револт и гнев кај родителите на убиените момчиња кои шест години ја чекаат правдата.

За истиот ден е закажан и стартот на судењето за крвавиот четврток, случај во кој се обвинети триесетина лица и кој ќе го води судијката Добрила Кацарска.

За овој случај на обвинителна клупа треба да седне поранешниот министер за внатрешни работи и директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, петтемина пратеници, Јохан Тарчуловски, Љубен Арнаудов, Љупчо Димовски, Крсто Мукоски и Љупчо Василевски кои треба да одговараат за упадот во Собранието.

Оваа работна година на судиите заврши со пресуди за нападот врз пратеникот Зијадин Села, кој се случи на 27 април, пресудата за Груевски, пресудите за Ѓоко Поповски и условни пресуди за неколкумина обвинети во случаите што ги отвори специјалното јавно обвинителство.

По одморите, судиите ќе треба да испорачаат резултати, пресуди за висока корупција и да го расчистат 27 април, услови кои ги побара Европа за земјава да добие датум за почеток на преговорите со Европската Унија.

Фросина Факова – Серафиновиќ