Изменето, но не и проширено обвинението за нападот врз Села
Обвинителството за организиран криминал и корупција го измени, но не го прошири обвинението за нападот врз пратеникот Зијадин Села што се случи лани на 27 април на крвавиот четврток во Собранието.
Со измените, Сашо Сенков е ослободен, за двајца кривичното дело е преквалификувано во полесно дело – насилство, а за останатите седуммина обвинети останува истото кривично дело, обид за убиство врз Села. Новата снимка што беше објавена на минатото рочиште е клучниот доказ за измените.
Обвинителството ја анализирало снимката од која произлегоа нови моменти и утврдило дека Сенков немал никаков контакт со Села и дека не го нападнал, туку го заштитувал.
„Самиот се довел во непријатна ситуација, не презел насилничко дејствие, не храбрел, не поддржувал и не учествувал во нападот врз пратениците, обезбедувањето и претставниците на медиумите. Обвинителството се откажува за Сашо Сенков од обвинителниот акт“, рече обвинителот Дарко Јакимовски.
Неговиот адвокат Рубин Двојаков најави дека ќе бараат отштета во граѓанска постапката за времето што го помина Сенков во притвор. Тој бил држен во притвор неправедно седум месеци и сите трошоци во постапката ќе му бидат платени од буџетот на државата.Од притвор се ослободени и обвинетите Стојан Павлески и Цејо Ѓорѓиевски.
Новата снимка покажала дека Павлески бил надвор од прес-салата во моментот на нападот, а во салата за време на нападот на Села не бил ни Цејо Ѓорѓиевски, иако сведоците во постапката ги посочиле двајцата дека мавале кон Села. Со одлука на судот, Ѓорѓиевски е ослободен од куќен притвор, а Павлески излегува од затворот во Шутка. На двајцата им се одредени мерки за претпазливост.
Останатите обвинети Кире Ѓорѓиевски, Оливер Ошавковски, Николче Димитриевски, Александар Јаневски-Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски и Коста Делов и со измените на обвинението се товарат дека го извлекле и го тепале Села.
Револтиран поради тоа што за него не беше повлечено обвинението, Александар Јаневски-Тошта стана и почна да вика:
„Колку снимки изгледавме тука. Не ми е јасно зошто сум затворен, затоа што сум вмровец, затоа што сум основач на ВМРО? Сето ова е диктирано по телефон некаде одозгора. Бесилка да ми ставите подобро отколку да ме судите. Мене ме судат за напад, а јас го заштитував Села“, рече Тошта.
Иако судијката Славица Андреевска неколку пати го опомена, Тошта не престана. Во моментот кога судијката рече дека ќе го отстрани од судница, Тошта се струполи на земја. Веднаш му беше укажана прва помош, а неговата ќерка почна да вика дека тој бил срцев болесник и досега имал пет инфаркти.
Набргу дојде брза помош која го пренесе Тошта на Клиниката за кардиологија, каде што бил реанимиран. Тој се освестил, но пак почнал повремено да губи свест. Последните информации се дека Тошта се наоѓа во стабилна состојба.
Како што најави обвинителот, обвинението беше изменето, но не и проширено на други лица, иако на снимката се гледа дека Села го тепаат и други лица кои не се седнати на обвинителна клупа.
Застапникот на Села, Абедин Абдули, изјави дека биле во координација со обвинителството за измените, а за проширување на обвинението вели дека дополнително ќе се утврдува. „На новата снимка има други лица кои не се опфатени со обвинението, но тоа дополнително ќе се утврдува во координација со обвинителството“, рече Абдули.
Одбраната на обвинетите побара да им биде доставен записник од рочиштето и примерок од измените во обвинението за да се подготват за завршните зборови кои судијката ги закажа на 11 јуни.
Фросина Факова – Серафиновиќ