Охрид ќе им го измери рејтингот на Заев и на Мицкоски

Веќе следната недела се очекува Охрид да добие градоначалник, кој ќе ја извршува должноста до распишувањето на вонредните избори, кои најверојатно ќе се одржат на истиот ден како и претседателските. Градот полека закрепнува по огромната загуба: смртта на актуелниот градоначалник Јован Стојаноски, кој минатиот викенд почина на 48-годишна возраст. По деновите на тага, политичките елити ќе мораат да се вратат во реалноста и да ги решаваат наталожените проблеми на граѓаните.

Охрид, кој за ВМРО-ДПМНЕ важи за „свето“ место од каде што ги започнуваат своите изборни кампањи, честопати знае да скршне во рацете на социјалдемократите. Така, од 2005 година досега, езерскиот бисер само четири години беше во „сопственост“ на ВМРО-ДПМНЕ и тоа преку Никола Бакрачески. Тој не ги исполни очекувањата на сограѓаните, па воопшто не беше кандидиран за втор мандат. Сега, во ситуација на длабока политичка поделеност, локалните избори во Охрид добиваат на големо значење бидејќи ќе бидат мерило за двете најголеми партии да видат каква им е поддршката меѓу избирачите и што можат да очекуваат на наредните (вонредни) парламентарни избори.

В.Д. ќе биде од власта

Во моментов Советот на општина Охрид брои 23 члена, од кои 11 се од СДСМ, 10 од ВМРО-ДПМНЕ, а двајца од ДУИ. Според овој распоред на сили, очекувано е дека в.д. градоначалникот ќе биде од редовите на владејачката коалиција на централно ниво. Односно дека нема да се повтори ситуација како во Дебар, каде што по смртта на градоначалникот Ружди Љата од редовите на ДУИ, мнозинството во Советот го презедоа Алијансата за Албанците, Беса, ВМРО-ДПМНЕ и ПЕИ, кои избраа в.д. градоначалник од редовите на Алијансата. Покрај тоа, за починатиот градоначалник Стојаноски имаше длабока почит и во ВМРО-ДПМНЕ, па не се очекуваат заткулисни игри. Прв фаворит за функцијата е Константин Георгиески, кој беше носител на листата на СДСМ на минатогодишните избори што се одржаа во октомври и е заменик-градоначалник.

Вжештената реторика од централите ќе допатува и до Охрид кога ќе започне кампањата за априлските избори. Ненадејната смрт на актуелниот градоначалник им дава оправдување на партиите што во моментов немаат список со кандидатски имиња, но, како што велат, ќе мораат да забрзаат.

Очекуваме охриѓани да го следат патот што го започна Стојаноски и заедно да го направиме градот најубаво место за живеење. Во овие моменти на тага и шок не сме седнале да видиме што и како, но сигурно ќе излеземе со квалитетен кандидат и не се сомневаме во победа“, велат од СДСМ.

На ланските избори, за кандидатот на социјалдемократите гласаа 18.262 избирачи, Митко Тилевски од ВМРО-ДПМНЕ го поддржаа 13.560 гласачи, а независниот Стевче Стевовски – 679 охриѓани. Стојаноски победи во првиот круг со добиени 54,07 отсто од гласовите.

Кога е во прашање советничката листа, за СДСМ гласаа 15.198 гласачи, за ВМРО-ДПМНЕ – 12.871, за коалицијата меѓу ДУИ, Беса и Алијансата – 2.643 охриѓани, за ДПА – 323, а групата избирачи Љупчо Настоски – 1.180 гласачи.

Кој ќе добие албански гласови

Од овие бројки може да се види дека градоначалникот на СДСМ бил поддржан и од албанските гласачи. Но, сега, според политиката на централно ниво, сопартијците на Зоран Заев би можеле да сметаат на гласови од сопартијците на Али Ахмети, но не и од оние на Зијадин Села или Билал Касами.

Досега со нас беа и Египќаните и ВМРО НП на Љупчо Георгиевски, а што се однесува до албанските гласови – секако дека сметаме и на нив, затоа што нашиот концепт едно општество за сите им е добро познат. А, дали официјално ќе коалицираме или не, помалку е битно“, потенцираат од СДСМ.

Во ВМРО-ДПМНЕ очекуваат бранот промени што започна во Дебар, да го поплави и Охрид. Имаат огромна верба во новото водство на месниот комитет, од кое очекуваат да донесе победа во Охрид.

Расположението меѓу граѓаните се чувствува на секој чекор. Тоа го знаат и албанските партии, па така веќе не можете со сигурност да тврдите дека тие би коалицирале единствено со СДСМ. Тоа го докажавме во Дебар. Што се однесува до нас, би соработувале со сите партии, без разлика од каков етнички предзнак се, што ќе ги прифатат нашите идеи и заложби за економски просперитет на градот“, потенцираат во ВМРО-ДПМНЕ сомневајќи се дека власта ќе го вложи целиот државен апарат за да обезбеди победа.

Заедно со редовните претседателски и предвремените локални во Охрид и во Дебар, напролет ќе се избере и нов градоначалник на општина Ново Село, откако Боро Стојчев од СДСМ поднесе оставка од морални причини откако беше осуден на затвор за обид за шверц на цигари. Тие ќе претставуваат своевиден показател за тоа дали бурните политички процеси што се одвиваа во последната година и половина се одразиле врз рејтинзите на најголемите партии во земјава. Во 2005 година, со Александар Петрески како градоначалнички кандидат, СДСМ успеа да извојува премиерна победа во Охрид, градот кој важеше за упориште на политичката десница, иако сè дотогаш градоначалникот беше од редовите на СПМ. Петрески беше избран за градоначалник и во 2009 година, за на изборите во 2013 година да ја изгуби битката од Бакрачески од ВМРО-ДПМНЕ. По четири години, СДСМ лани успеа да ја поврати превласта во Охрид. Но, по ненадејната смрт на Стојаноски, останува неизвесноста какво ќе биде расположението на охриѓани напролет.

Горан Адамовски