Охрид се збогуваше со градоначалникот Јован Стојаноски

На Градските гробишта во Охрид попладнево беа погребани посмртните останки на ненадејно починатиот градоначалник проф.д-р. Јован Стојаноски.

На погребната церемонија присуствуваа голем број граѓани на Охрид, роднини, пријатели, соработници, сопартијци, како и претставници на државни институции и делегации од збратимените градови.

Државната делегација ја предводеше премиерот Зоран Заев, заедно со министри од неговиот Кабинет, пратеници во Собранието, како и амбасадори во Република Македонија.

По повод смртта на Стојаноски претпладнето се одржаа и комеморативни седници во Општина Охрид и на Факултетот за туризам и угостителство каде тој  работеше како редовен професор.

Стојаноски јавноста ќе го памети по својата насмевка, пријателски пристап и ненаметливоста што го карактеризираа како личност.