Официјално името Република Северна Македонија стапува на сила

Oфицијално новото име на државата Република Северна Македонија стапува на сила. Во Службениот весник се објавени уставните измени кои ги изгласа Собранието.

„Известуваме дека од денес, 12 февруари 2019 година, влегува во сила Конечната Спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за Безбедност на Обединетите Нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните, што Министерството за надворешни работи соодветно го објави во Службен весник. Исто така се исполнети условите за влегување во сила на амандманите ХХХIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Северна Македонија и Уставниот закон за спроведување на амандманите од ХХХIII до ХХХVI на Уставот на Република Северна Македонија, што Собранието на Република Северна Македонија ги донесе на 11 јануари 2019 година. Истите влегуваат во сила денес, на 12 февруари 2019 година со соодветната објава од страна на Владата во Службен весник“, се вели во соопштението на Владата.

Објавувањето во Службениот весник следува откако грчкиот Парламент го ратификуваше протоколот за пристапување во НАТО, и испрати Вербална нота. Со тоа, започнува извршувањето на обврските кои произлегуваат од Конечната Спогодба и Уставните амандмани.