Откако доби „црвен картон“ од ДУИ, Села мерка нови политички партнерства

„Одиме во опозиција и со најголема гордост ќе продолжиме да бидеме позитивни опозиционери за општеството. Ние сме отворени за комуникации и со СДСМ, и со ДУИ, и со БЕСА, и со ВМРО, со сите партии“, најави Арбен Таравари.

Од „Алијансата за Албанците“ се децидни дека премиерот Зоран Заев бил ставен во тесна ситуација од коалицискиот партнер ДУИ и затоа бил принуден да се произнесе со свој кандидат и, со поставувањето на Венко Филипче на новата функција, да им го одземе Министерството за здравство. Ова во „Ноќно студио“ за ТВ „Телма“ го потврди поранешниот министер за здравство Арбен Таравари. Најавувајќи го збогувањето со владата, градоначалникот на Гостивар изјави дека партијата на Али Ахмети била таа која од премиерот Зоран Заев побарала „Алијансата за Албанците“ да биде отстранета од владиниот состав.

„Овде губи Али Ахмети. ‘Алијансата за Албанците’ е единствената партија во Македонија која има пораст од 11 декември 2016 година до 15 октомври 2017 година од 42 отсто повеќе гласови. Ниедна опозициска албанска партија досега, од 2002 година до 2017 година, не добила три општини. Ниедна опозициска партија во Кичево не добила над илјада гласа. Ние како „Алијанса за Албанците“ имаме 3.500 гласа во Кичево. И цела албанска елита верува во нас. Во една цела емисија Ахмети се занимаваше со Зијадин Села, практично зборувајќи како невролог. Човекот има комплекс кон господинот Села. Целта не беше здравството, туку целта беше ние да бидеме понижени“, изјави Таравари.

Таравари притоа најави дека „Алијансата за Албанците“, како втора албанска партија, ќе биде активна и будно ќе ја следи работата на Владата како опозиција, но не ја исклучи и можноста за соработка со сите политички партии вклучувајќи ја и ВМРО-ДПМНЕ доколку истата се реформира и го исфрли груевизмот.

„Животот продолжува, таква е политиката. Одиме во опозиција и со најголема гордост ќе продолжиме да бидеме позитивни опозиционери за општеството. Ние сме отворени за комуникации и со СДСМ, и со ДУИ, и со БЕСА, и со ВМРО, со сите партии“, заклучи Таравари.

Откако дозна дека „Алијансата на Албанците“ има намера да го напушти владиниот состав, премиерот Заев изјави дека и како опозиција очекува од партијата на Села да ѝ помогне на Владата во делот на реформите.

„По најавата дека излегуваат од Владата, останувам само со намерата дека ќе можеме да продолжиме да соработуваме за она што значат реформи, законот за јазиците, ратификацијата на Договорот со Бугарија, ‘двотретинските’ закони, за одговорноста за унапредување на севкупниот квалитет на животот во Македонија“, рече премиерот Заев.

Коментирајќи го тенкото парламентарно мнозинство и дали истото би претставувало проблем при гласање на важни закони, премиерот Заев рече дека тоа е здраво за една земја и општество, но за 2018 година отфрли секаква можност за одржување нови предвремени парламентарни избори.

„Тенкото мнозинство беше и при формирањето на Владата, но тоа е демократија. Јас сум растоварен од тоа. Она што е важно е дека јас како премиер не планирам во 2018 година да има избори, туку да го оствариме тоа што им го ветивме на граѓаните за подобар живот. Треба да ги покренеме економските параметри на повисоко ниво и да им го подобриме животот на граѓаните што тие го очекуваат. До претседателските избори во 2019 година треба сите да се посветиме, власта и опозицијата, да одработиме за граѓаните“, изјави Заев.

Веднаш по прес-конференцијата и најавата за скоро напуштање на Владата, Села се сретна со лидерот на Движењето Беса, Билал Касами, и ги подгреа шпекулациите за можна соработка и коалиција. Таква коалиција нема да биде прва меѓу Беса и „Алијансата“ бидејќи истите партии коалицираа против ДУИ во вториот круг на овогодинешните локални избори во неколку општини и во тој период оваа соработка лидерот на Беса ја оцени со зборовите: „Коалицијата со ‘Алијансата’ е принципиелна и заснована на волјата на граѓаните Албанци“.

Блерим Исмаили